Готово е – Илон Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари

Илон Маск, Твитер Фото: EPA, Pixabay

Илон Маск, сопственикот на компаниите „Тесла“ и „СпејсЕкс“ и најбогат човек на светот, денеска го купи Твитер за 44 милијарди долари, соопшти социјалната мрежа.

Твитер вечерва објави дека ја прифатил понудата на Маск.

„Твитер потврдува дека е постигнат дефинитивен купопродажен договор. Компанијата ќе биде целосно купена од ентитетот во сопственост на Илон Маск за 54,20 долари по акција. Трансакцијата се проценува на околу 44 милијарди долари. По завршувањето на трансакцијата, Твитер ќе стане приватна компанија“, соопшти вечерва компанијата.

„Акционерите на Твитер, во согласност со постигнатиот договор, ќе добијат 52,20 долари за секоја акција на Twitter што ја поседуваат во моментот на договорената трансакција. Куповната цена е за 38% повисока од цената на акцијата на акцијата на Twitter на 1 април 2022 година. Последниот трговски ден пред господин Маск да објави дека купил удел од околу 9% во Твитер“, се вели во соопштението.

Маск на почетокот на месецов купи 9,2% од Твитер. По оваа објава, вредноста на акциите на Твитер порасна за повеќе од 25%. Маск стана еден од најголемите акционери на компанијата и сега поседува четирипати повеќе акции од основачот на Твитер, Џек Дорси, чијшто удел изнесува 2,25%.

Една недела по купувањето на акциите, Маск даде понуда за купување на Твитер и рече дека „ќе ја разгледа неговата акционерска позиција“ доколку неговата понуда не биде прифатена.

„Решив да инвестирам во Твитер бидејќи верувам во неговиот потенцијал да биде платформа за слобода на говор ширум светот и верувам дека слободата на говор е социјален императив за функционална демократија“, напиша Маск во изјавата за финансискиот регулатор.

„Меѓутоа, откако инвестирав, сфатив дека компанијата во нејзината сегашна форма ниту ќе напредува, ниту ќе му служи на овој социјален императив. Твитер мора да стане приватна компанија. Има огромен потенцијал и јас ќе го ослободам“, додаде тој.

Маск е еден од најпопуларните корисници на Твитер, со повеќе од 80 милиони следбеници. Тој често објавува детали за своите компании, поради што постојано е обвинуван дека манипулира со пазарот, а против него се покренати и неколку истраги.

Во неделите пред да преземе 9% од акциите, Маск објавуваше за Твитер и алгоритмите што ја движат платформата. На 24 март, тој напиша дека е загрижен за де факто пристрасност во алгоритмот, што има големо влијание врз јавниот дискурс и сподели анкета во која ги повикува своите следбеници да гласаат дали алгоритмот треба да биде со отворен код.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот