Годишен конкурс: Неопходен е нов систем за поддршка на културата

Брифингот за медиумите се одржа во просториите на Министерството за култура

Бурните реакции што ги предизвикаа резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес беа директен повод министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да одржи дополнителен брифинг за медиумите.

Резултатите од годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес секоја година предизвикуваат бура од реакции, но очигледно е дека намалениот буџет за оваа година за многумина апликанти го помина „прагот на толеранцијата“. На социјалните медиуми беа упатувани и лични навреди кон министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Бурните реакции на дел од одбиените апликанти, но и на тие што се пожалија на намалените средства во однос на претходните години, беа повод во Министерството за култура на 15 февруари да се одржи дополнителен брифинг за медиумите со цел да се разјаснат дел од настанатите состојби. Министерката за култура рече дека субјективниот пристап кон толкувањето на целта на конкурсите како да ja девалвира нивната суштина, а тоа е поддршка, а не целосно финансирање на сите пристигнати пријави, 3355 за оваа година.

– Во тој случај, не би бил доволен ни целиот годишен буџет на Министерството за култура. Го имаме предвид фактот дека пазарот е мал и дека има свои правила, но оние што веќе се докажале на пазарот, не треба да го изгубат чувството дека поддршката што ним им е дадена на почетокот на нивните кариери, сега му е потребна и на некој друг – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Од вкупниот буџет за култура за 2023 година биле одвоени 12,5 милиони евра за проектите од национален интерес, а заради нецелосна документација биле одбиени 332 проекти. За реакциите во врска со резултатите од конкурсите, министерката за култура рече дека ги разбира и повика секој што е незадоволен, да ја искористи правната можност за жалба.

Во тој контекст, министерката го повика организаторот на „Оф-фест“ да ја искористи жалбената постапка, а не да ја откажува манифестацијата. По реакциите за проектите во издавачката дејност, министерката Костадиновска-Стојчевска рече дека стручната комисија била исправена пред предизвикот да направи квалитетна и коректна селекција со намален буџет. Притоа, таа посочи многубројни примери на автори кои со години се поддржувани од Министерството за култура за нивните дела, за преводи на нивните книги и за учество на меѓународни манифестации и саеми.

Министерката информираше дека комисиите поддржале голем број проекти со кои се одбележуваат јубилеите во оваа година, како што се: 120 години од Илинденското востание, Година на Ацо Шопов, 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и други. На брифингот со новинарите стана збор и за предлозите што Министерството за култура ги доставило во постапката за изготвување нов закон за даночни олеснувања, со што би се обезбедиле повеќе средства за проекти од културата.

Костадиновска-Стојчевска ги повика и институциите од културата и невладиниот сектор, како и секој уметник одделно, да обрнат внимание на отворените повици за финансирање на културата од Европската Унија, од УНЕСКО и од други меѓународни фондови, кои одвојуваат сè повеќе средства за поддршка на културата, особено за земјите од Западен Балкан.

Реакции – Револт и откажувања

По објавата на резултатите од годишниот конкурс за поддршна на проекти од национален интерес со допис до медиумите се јавија од „Скопје џез фестивал“ со информација дека го откажуваат годинашното издание на „Оф-фест“.

– Доделените милион денари за „Оф-фест“ на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата, скратени за половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на настанот (предвиден од 7 до 10 јуни) како (повеќедневен) фестивал. За жал, по 21-годишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор. Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години – меѓу другото, соопштија од „Скопје џез фестивал“.

Со реакции се јавија повеќе здруженија, меѓу кои Друштвото на писателите на Македонија, Македонската асоцијација на издавачи, ЗЏМ Биг бенд, иницијативата „Аудиција Сега!“, но и индивидуални автори, како Тошо Филиповски, Блаже Миневски, Петар Андоновски и многу други.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 167, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот