Гоце Георгиевски: Подмладената репрезентација е со голем потенцијал

фото: Ракометна федерација на Македонија

Десното крило е еден од највозрасните во подмладениот тим. Споредувајќи го сегашниот А-тим на Македонија со поранешните состави, Георгиевски, по успешниот старт на Квалификациите за ЕП 2024, е задоволен и оптимист за иднината

Десното крило Гоце Георгиевски (35) е долго време член на македонската репрезентација, а сега ја доби довербата од селекторот Кирил Лазаров и во овој подмладен состав заедно со голманот Никола Митревски (37) е највозрасниот член. Георгиевски со своето искуство може да направи споредби на овој подмладен тим кој моментно успешно настапува во квалификациите за ЕП 2024, со поранешните состави на репрезентацијата и токму затоа неговото мислење е интересно.

– Ова е многу подмладена репрезентација. Од последниот собир во мај ги нема Кирил Лазаров, Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов. Јас и Митревски сме најстари во репрезентацијата. Веднаш да кажам, оваа репрезентација има голем потенцијал. Многу важно е што селектор е Кире Лазаров, кој е вистински човек за вистинска работа. Добро се работи на тренинзите, има желба меѓу младите за докажување, а селекторот тоа правилно го насочува – вели Георгиевски.

Тој смета дека времето ќе каже кој е дометот на овој тим.

– Потенцијал има, тоа е факт. Но ќе треба да помине време да ги очекуваме вистинските резултати од оваа генерација. Квалитетно се работи, селекторот е 24/7 посветен на националниот тим. Дефинитивно ова е вистинскиот начин некоја репрезентција да направи успех. Оптимист сум, позитивно гледам на оваа работа. Македонија и во иднина ќе го сочува оној континуитет на настапи на европски и на светски првенства. Ќе бележиме добри резултати – вели Георгиевски.

Македонија првите два натпревара од квалификациите за ЕП со Луксембург и со Турција ги доби со висока разлика (38-24, односно 36-27). Но се работеше за објективно послаби противници.

– Овие два натпревара бевме фаворити и ја оправдавме таа улога. Но, на двата натпревари влеговме максимално сериозно, како да играме со некои европски велесили. Потребен е таков пристап на секој натпревар без разлика дали е Турција, Норвешка, Франција или Луксембург. Тоа е единствен начин да победиш на еден меч – вели Гоце.

Според него и хемијата во тимот придонесува тој да изгледа компактно.

– Има неверојатна дружба меѓу репрезентативците. Младите не почитуваат нас повозрасните, а ние им подаваме поддршка на младите. Има вистинска кохезија помеѓу нас поискусните и младите – смета Гоце.

Она што ја очекува репрезентацијата е двомечот со Португалија во квалификациската група во март. Иако уште е рано, најверојатно од овој двомеч ќе зависи дали Македонија ќе биде прва или втора во квалификациската група. Обете места водат сигурно на ЕП, но, сепак првото место е поповолно.

– Битно ни е да го освоиме првото место во групата затоа што така би биле во поповолен „шешир“ за ждрепката за ЕП. Покрај тоа, секоја победа е важна – смета десното крило.

Тој е задоволен од својот придонес во овој подновен тим.

– Задовоен сум како настапувам за репрезентацијата, добро сум физички подготвен, се чувствувам добро. Секогаш стојам на располагање на мојот национален тим – вели Георгиевски, кој за А тимот на Македонија настапува од 2009 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот