Го намалуваат ризикот од срцев удар: Наместо јајца, појадувајте бадеми и ореви

Фото: Nadin Sh / Pexels

Исхраната има прилично големо влијание врз здравјето на срцето, но и врз нивото на шеќер во крвта.

Утврдено е дека јадењето грст јаткасти плодови за појадок е подобро од јајце. Ако го замените јајцето со 25 до 28 грама јаткасти плодови (ореви, бадеми, лешници), можете да го намалите ризикот од кардиоваскуларни болести за 17 отсто, заклучиле истражувачите.

Научната рецензија објавена во списанието „БМС Медисин“, покажала дека нема корист од замена на рибата и морските плодови со опциите од растително потекло, како и дека нема докази дека замената на млечните производи може да го намали ризикот од кардиоваскуларни болести.

Меѓутоа замената на јајцата со јаткасти плодови или цели зрна, резултирала со помал ризик од развој на дијабетес тип 2.

Луѓето што замениле 50 грама преработено месо со иста количина мешунки, какви што се леќата, леблебијата и гравот, имале 23 отсто помал ризик од развој на кардиоваскуларни болести или смрт од нив. Ризикот им бил за 27 отсто помал ако изеле од 28 до 50 грама јаткасти плодови наместо преработено месо.

Дополнително, заменувањето на преработеното месо, јајцата, сирењето, путерот или јогуртот со авокадо е поврзано со помал ризик од кардиоваскуларни болести. Но, авторите предупредуваат дека податоците се засноваат само на резултатите од една студија.

„Многу луѓе го започнуваат денот со јајце или преработено месо за појадок, но резултатите од оваа анализа покажуваат дека можеби е подобро оваа храна да се замени со намирници од растително потекло. Исто така, постојат докази дека луѓето би можеле да имаат корист од замена на месото од живина со растителна храна“, рекла д-р Сабрина Шлезингер од германскиот центар за истражување на дијабетес.

Резултатите покажуваат дека замената на путерот со маслиново масло може да го намали ризикот од кардиоваскуларни болести за четири отсто.

Најголемото намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести, од 36 отсто, можело да се забележи кај луѓето што заменуваат 50 грама преработено месо дневно со 30 грама цели зрна, укажува анализата. Замената на црвеното или на преработеното месо со јаткасти плодови, житарки од цели зрна, го намалила ризикот од дијабетес тип 2.

Најголемо намалување на шансите за рана смрт, од 21 отсто, е забележано кога преработеното месо било заменето со јаткасти плодови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот