Ѓукановиќ одмарал во луксузен хотел каде ноќевање е 20.000 евра

Мило Ѓукановиќ/ Фото Savo PRELEVIC / AFP / Profimedia

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, со сопругата и двајца службеници на полициската управа кои го обезбедуваат, престојувал во луксузниот хотел „Гранд дес Бајнс Кемпински“ во швајцарското одморалиште Сент Мориц од 30 декември до 7 јануари, објави црногорскиот медиум „Вијести“.

Од црногорското МВР за „Вијести“ велат дека трошоците за службеното патување на нивните службеници изнесуваат над 11 илјади евра. Трошоците за обезбедување на заштитените лица се на товар на државата.

„Од вкупната сума, сумата од 8.931,42 евра се однесува за хотелско сместување, а трошоците за дневници изнесуваат 2.209,20 евра“, се вели во одговорите на црногорското МВР на прашањата на „Вијести“.

На веб-страницата на хотелот се добиваат информации дека за истите датуми во кои престојувал Ѓукановиќ, но и за крајот на оваа и почетокот на следната година, најевтиното сместување може да се најде за околу 1.800 евра од вечер во соба од 25 квадрати, додека собите почнуваат од 2.500 евра за ноќевање до над 13 илјади евра за претседателски апартман. Хотелот нуди и „резиденции“ кои почнуваат од 5.000 евра за ноќ, а најскапата опција чини 20.000 евра. Исто така, не е можно да се резервира соба за помалку од седум дена на тие датуми.

Во имотниот лист на Ѓукановиќ се гледа дека пријавената плата на претседателот е околу 2.200 евра месечно, додека неговата сопруга Лидија зема нешто повеќе од 900 евра.

Ѓукановиќ на 30 декември по работната посета на Истанбул замина за Швајцарија.

Со образложение дека имал „дипломатска средба“, од најголемиот турски град полетал кон северот на Италија, каде што се симнал, а владиниот авион се вратил во Подгорица.

Од Владата на Црна Гора претходно неофицијално за „Вијести“ изјавија дека Ѓукановиќ навистина побарал авионот да лета на релација Подгорица-Истанбул-Бергамо-Подгорица и дека во барањето е наведено дека причината за тоа е дипломатска средба.

Кабинетот на претседателот не ја информирал јавноста со кој дипломат или странски функционер Ѓукановиќ наводно се сретнал во Бергамо или каде било во Италија.

Од кабинетот на Ѓукановиќ не одговориле на прашањата во врска со патувањето во Бергамо и наводната дипломатска средба, но информирале дека летот е извршен „по процедура“.

Владината регулатива предвидува претседателите на државата, парламентот и владата, кои се и заштитени лица, да можат бесплатно да го користат авионот за службени патувања, додека другите високи државни функционери и власти да ги платат сите трошоци за користење на авионот од сопствените буџети, доколку се одобрени за употреба на авион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот