Гир: Не се точни тврдењата дека ЕУ не ја сака Македонија, членството ќе биде од корист за сите нас

Дејвид Гир /Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека не се точни тврдењата дека Европската Унија не ја сака Македонија за членка. Според Гир, патот на ЕУ е пат на просперитет, зајакнување на демократските вредности и владеењето на правото и е пат на стабилност и од овие причини ја поттикнуваат државата да се придвижи што е можно побрзо кон Унијата.

– Вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека оваа земја не може да ѝ пристапи на Европската Унија дали затоа што Унијата не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од Европската Унија. Ниту едно од овие тврдења не е точно. Ние сакаме Северна Македонија да биде дел од Европската унија. Патот е практичен и многу лесно остварлив, изјави Гир на настанот со кој започнаа Деновите на НАТО во земјава, по повод одбележување четири години од членството на Македонија во Алијансата и 75 години од нејзиното формирање.

Во тој поглед, додаде евроамбасадорот, го споделувам мислењето дека патот на Европската Унија е пат на просперитет, на зајакнување на демократските вредности и владеењето на правото и е пат на стабилност. Но, исто така, рече, тоа е и пат на безбедност и навистина веруваме дека членството на  Македонија во Европската Унија ќе биде од корист за сите нас, рече Гир.

И од овие причини, истакна евроамбасадорот, ја поттикнуваме Македонија да се придвижи што е можно побрзо кон Европската Унија.

– Сакаме оваа земја да биде дел од Европската Унија врз основа на исполнувањето на обврските коишто ги презеде во јули 2022 година, по кои следуваше меѓувладината конференција и скрининг процесот, како и имплементацијата на реформите коишто беа утврдени во текот на процесот на скрининг вклучително и тие коишто се наброени во новиот план за раст и реформи на Европската Унија, рече евроамбасадорот Гир.

На традиционалниот НАТО настан се обрати и шефот на дипломатијата Бујар Османи и првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава, кои упатија честитки за четиригодишнината од НАТО членството на земјата, нејзиниот придонес во колективната безбедност и дадоа свои видувања за тековните глобални предизвици.

Османи: Евроатлантската и европската интеграција на Западниот Балкан е клучна за подобрување на безбедноста

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот