Германија: Повеќе кривични дела, повеќе осомничени странци

Германска полиција/ Фото: EPA-EFE/Anna Szilagyi

Повеќе криминал, висок процент на осомничени странци… Новата полициска статистика за криминал предизвикува жестоки дебати во Германија откако нејзини делови протекоа во јавноста.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер ја претстави годишната статистика на полицијата за криминал за што во Германија веќе неколку дена жестоко се расправа. Прво, забележан е пораст на кривични дела: минатата година во Германија ги имало речиси шест милиони, што е зголемување од 5,5 проценти во споредба со 2022 година. Пораснат е и бројот на насилни деликти.

Посебно се дискутира за тоа што, според статистиката, пораснат е бројот на осомничени странци – нив ги имало дури 41 отсто. Во Германија инаку живеат околу 15 проценти луѓе без германски пасош.

Повеќе полицајци?

Со оглед на овие податоци, новиот ополномоштеник на сојузната влада за полиција, Ули Греч (СПД) укажува на преоптовареноста на полицијата. „Статистиката покажува колку предизвикувачка е полициската професија“, изјави Греч, кој предлага повеќе надзор и помодерни форми на работа.

И од перспектива на Синдикатот на полицијата (ГдП), мора да се реагира на сè поголемиот број насилни и имотни деликти. „Напнатата безбедносна ситуација и развојот на криминал покажуваат дека мораме веднаш да вложуваме во повеќе персонал, тој треба да има широки овластувања, а и дигиталните процеси мора да се забрзаат“, смета претседателот на синдикатот, Јохеп Копелке.

„Потребни ни се повеќе средства за превенција, побрзо кривично гонење и модерни, ефикасни безбедносни органи“, дополни тој, алудирајќи во тој контекст на зголемениот процент на млади меѓу осомничените за кривични дела.

На статистиката ѝ се придава преголема важност?

Експерти како Тобијас Зингелштајн, професор по кривично право и криминологија, оценуваат меѓутоа дека премногу се полага на статистиката.

„Статистиките ги одразуваат само полициските процени, тука не се зема предвид правосудството. Исто така, можно е да постојат повеќе пријави, но не и повеќе извршители“, изјави тој за јавниот сервис НДР.

Во секој случај, новата статистика веќе иницира расправа за миграцијата. Се бараат построги мерки, посебно од редовите на опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ). Тие се залагаат за воведување мерки против доселување, како на пример поставување горна граница на доселеници. Десно-популистичката и исто така опозициска партија Алтернатива за Германија (АфД) оценува дека станува збор за „целосно неприфатлив неуспех“ на владејачката социјалдемократско-либерално-зелена коалиција во поглед на безбедноста на граѓаните.
Владејачката СПД предупредува дека врз основа на статистиката не смеат да се донесуваат „избрзани заклучоци“, посебно во врска со доселувањето. Потпретседателот на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Дирк Визе критикуваше што опозициските ЦДУ и ЦСУ поради тоа го поврзуваат криминалот и доселувањето.

Криминал и миграции – теми и во изборната кампања

По неколкугодишен пад, бројот на кривични дела се зголеми во 2022 година за 11,5 отсто, односно на вкупно 5,63 милиони случаи. Тоа зголемување се толкува како крај на антипандемиските мерки. Претходно, поради ограничувањата наметнати од владата, едноставно имаше помалку можности за криминал во 2020 и 2021 година – продавниците беа затворени, помалку луѓе се собираа на едно место.

Визе посочува на ова и додава дека во 2023 година всушност биле забележани помалку кривични дела отколку во средината на минатата деценија или деведесеттите години.
Познавачите на состојбите оценуваат дека темите како криминалот и неконтролираната имиграција ќе одиграат голема улога во оваа година, кога во Германија, покрај изборите за Европскиот парламент, се одржуваат избори и во неколку покраини, поточно во оние во кои АфД, според анкетите на јавното мислење, ужива силна поддршка од гласачите.

Инаку, минатонеделните истражувања на јавното мислење покажаа дека граѓаните го доживуваат прашањето на имиграцијата како најголем проблем со кој се соочува Германија во моментов.

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот