Германија и Италија најатрактивни за нашите здравствени работници

лекари
Лекари, Фото: Илустрација/Архива

Земјава се соочува со недостиг на одредени профили на здравствени работници. Најмногу недостигаат медицински сестри, општи лекари и лекари специјалисти. Причините за недостигот се заминување во странство за повисоки плати и подобри услови за работа, како и заминување во пензија. Германија и Италија се меѓу најатрактивните земји за работа на нашиот медицински кадар. Според доктори и лица добро упатени со состојбата во здравството кај нас, токму овие две држави имаат најпримамливи работни услови за нашите лекари и медицински сестри.

Од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита за МИА велат дека во периодот на Ковид – пандемијата имало етапен одлив на медицински сестри од земјава во други држави.

Покрај заминувањето во странство, како една од причините за намалување на бројот на медициски сестри, од Синдикатот ги посочуваат и измените на Законот за работни односи со кои се исклучи можноста за продолжување на работа и по 64 години. Така, по основ на старосна пензија, велат од Синдикатот, годинава ќе заминат 80 медицински сестри.

Во посочениот период, од јавниот сектор заминале околу 70 сестри, додека од приватниот, одливот бил околу 120 медицински сестри. Во намалувањето на бројот на медицинските сестри кај нас, влијание имаат и измените во Законот за работните односи, со што се исклучи можноста за продолжување на работниот однос по 64 години, освен за оние вработени во дејноста за кои Законот за здравствената заштита дава можност за продолжување согласно законските измени. Па така, по овој основ, оваа година остануваме без околу 80 медицински сестри кои оствариле право на старосна пензија согласно закон, посочуваат од Синдикатот.

Во поглед на тоа во кои земји најчесто заминуваат здравствените работници, оттаму наведуваат дека конкретно медицинските сестри најчесто заминуваат во Германија, Швајцарија и Италија, а во последно време и во Хрватска.

При вработувањето и во самиот процес на работа, предлагаат од Синдикатот, да не влијаат партиските, националните и верските определби на кандидатите за вработување, односно на вработените.

Сметаат дека треба да има бенифициран стаж и за другите профили на здравствени работници, освен за лекарите, медицинските сестри и возачите во тимот на Итна медицинска помош.

Сериозен притисок за наредниот период прави и старосната структура на лекарите кои сега работат особено во некои сегменти на здравствениот систем, децидни се оттаму.

За да ги задржиме лекарите во нашата земја, од Лекарската комора мислат дека треба да се поедностави политиката за вработување во јавното здравство.

За младите лекари важно е да им создадеме услови за вработување веднаш по завршување на образованието, кои ќе им гарантираат пристојни приходи, но и олеснување на условите за специјализација, за што се направија некои позитивни промени, но, процесот се уште не е завршен. Реформите во примарното здравство, доколку се донесат, исто така очекуваме да имаат позитивен импакт по ова прашање. Младите лекари се мотивирани и амбициозни да постигнат повеќе, поради што од големо значење за нив е и постоењето на можност за стручно усовршување во текот на работата, соопштуваат од Лекарската комора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот