ФОТО+ВИДЕО: Старата скопска чаршија- срцето на Скопје

Утро, градот се буди. Гушната во прегратката на Скопското Кале се буди и Старата скопска чаршија, срцето на Скопје.

Еснафската фела веќе пие второ кафе или чај, а вработените веќе ги отвараат кепенците за новиот работен ден.

Навидум се е тивко, секој ја работи својата работа. Се почнува денот, пред секој дуќан се мете за среќа, се чекаат првите муштерии.

Златарската улица преполна со странци, дел шетаат, дел купуваат. Странците дишат со белите дробови на чаршијата, го впиваат секој здив кој доаѓа од старите занаети.

Којунџии, самарџии, ковачи. Се купуваат сувенири, се нудат черги, но и по некоја јамболија која виси пред дуќаните. Ако ви пречи сонцето, може и шешир да се купи од шапкарските дуќани и тоа по мерка.

Шапкарите нудат секакви модели. Храната и кафето се посебна приказна. Се распалуваат скари и се печат првите ќебапи. Мамат на секој чекор. По шетањето се седнува на десетка со кромид. Ако не сте по скарата, има од се по нешто. За сладокусците се нуди баклава, тулумби, но и локум правен по традиционален рецепт.

Антикварниците се посебна приказна. Може да се купи се и сешто, од носија, до старо радио.

Некому Чаршијата му е начин за почеток на денот.

Едноставно седи и ужива во духот кој го нуди. Други пак уживаат едни во други и се шетаат држејќи се за раце. Овде нема мои твои, сите се наши…


Целото видео на нашиот колега Методи Здравев погледнете го тука: