Фотограми: Фотоапаратот како алатка за цртање

Десетгодишните истражувања на Стојанче Величковски во областа на експериментална фотографија резултираа со необичен фотоизраз, кој авторот го нарекува фотограми, а станува збор за техника во која фотографскиот апарат се претвора во своевидна „алатка“ за цртање, при што се постигнува синергија на умешноста, иновативноста, остроумноста и вештините на фотографот, одбраните светлосни маркери и можностите на фотоапаратот.

– Идејата за фотограмите кај мене дојде преку личната желбата за постојано експериментирање и искористување на потенцијалот што го носат дигиталните фотоапарати. Пред повеќе од десет години при враќање од годишен одмор од Грција, додека повеќето патници спиеја, јас размислував како креативно да ги искористам светлата од тунелите на кои наидувавме во низ. Се разбира, тоа беше само поттик да продолжам посериозно да истражувам во тој правец – открива Величковски.

Класичните фотограми биле творечки предизвик за Ласло Мохоли-Над, Кристијан Шад (неговите дела може да се сретнат и како како шадограми), Имоген Канингам, потоа Ман Реј (неговите дела може да се сретнат и како рејограми), а се спомнува и името на Пабло Пикасо. Тие ги користеле фотограмите како средство за уметничко изразување за да креираат широк спектар на дизајни и надреални уметнички творби.

– Од друга страна, големо влијание врз мене најверојатно имаат и познавањата за начинот на кој функционираат одредени графички програми што заедно со чувството за препознавање на светлосните маркери би можеле да бидат идеални за креирање на фотограмите – додава Величковски.

Предмет на неговиот интерес се и театарскиот плакат, корпоративниот идентитет, како и истражувањата од областа на хералдиката, вексилологијата, генеологијата и креирањето на лични и семејни грбови. Досега Величковски реализирал десетина фотографски изложби на најразлични теми, како природни реткости, знаменитости, флора, театарска фотографија.

Неговата прва изложба од областа на експерименталната фотографија, на која беа претставени 50 фотограми, беше поставена во НУ Центар за култура во Крива Паланка на почетокот од октомври. Планирано е таа да биде претставена во Неготино и во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 54, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 октомври – 1 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот