ФОТО+ВИДЕО: Околу 600 илјади книги, вредни 6 милиони евра, чмаат во подруми

Фото: Слободен печат/ Ристо Пејовски

Околу 600.000 книги за кои се потрошени 6,1 милиони евра преку Министерството за култура уште од 2009 година никако да стигнат до своите читатели. Државниот завод за ревизија деновиве, при извршената ревизија во ова Министерство, констатира дека „започнувајќи од 2009 година се отпочнати 11 капитални проекти за печатење книги, од кои дел сѐ уште во тек и заклучно со 2019 година на залиха се чуваат 599.086 книги, кои не се дистрибуирани до крајните корисници, а се потрошени средства во износ од приближно 379 милиони денари“.

Фото: Слободен печат / Ристе Пејовски

Овие недистрибуирани книги им останаа во наследство на сите министри за култура по заминувањето на министерката Елизабета Канческа-Милевска, во чие време, по иницијатива на тогашниот премиер Никола Груевски, отпочнаа 11 проекти со книги. Библиотеките, институтите и универзитетите беа местата каде што требаше да се дистрибуираат, но во моментов голем дел од нив стојат во депоата и подрумите на музеите и во Народната и универзитетска библиотека (НУБ), а Министерството мака мачи како да ги „вдоми“. Дел од нив се во слободна продажба во книжарниците, но станува збор само за мал број примероци во однос на вкупниот тираж на отпечатени дела.

„Укажувањето во извештајот на Државниот завод за ревизија се однесува за изданија од капиталните проекти на издавачка дејност. Во Министерството за култура се формирани работни групи кои работат на селекција и систематизација на книгите од повеќето едиции на овој капитален проект. Изготвен е список на национални установи во кои ќе се дистрибуираат изданијата, а дел од книгите се веќе дистрибуирани“, ни одговорија од Министерството за култура.

Ѕвездите на светската книжевност складирани во визба

Работните групи редовно доаѓаат во музејските институции каде што се чуваат овие неотпакувани книги. Во Музејот на македонска борба во две подрумски простории се сместени илјадници примероци од првата едиција „Ѕвезди на светската книжевност“, која опфаќа превод на вкупно 560 дела од светски познати автори.

Фото: Слободен печат/ Ристе Пејовски

Делата од другите едиции „Нобеловци“, „Превод на 1.000 стручни книги“, „135 тома македонска книжевност“ како и проектите „Македонски искушенија“, „Македонски дејци“ и „Pro Macedonia“ чмаат во депоата на Археолошкиот и Музејот на Македонија, а голем дел од книгите се во НУБ, каде што поради неможност за чување на големиот „товар“ беа наоѓани алтернативни решенија во различни институции од областа на културата. На музеите и онака им стеснет просторот, а немаат ни услови за чување книги. Археолошкиот музеј, сместен на кејот на Вардар, мака мачи со прокиснување.

„Со оглед на тоа што станува збор за обемна постапка, во моментов се работи на систематизација на другите книги, како и на обезбедување просторни капацитети во националните установи во кои се предвидува натамошната дистрибуција“, соопштија од Министерството за култура за „Слободен печат“.

За три години распределени само 170.000 книги

Откако почна мегаломанскиот проект со книгите, во повеќе наврати се печатеа илјадници наслови во вкупна вредност од 9 милиони евра.

Фото: Слободен печат / Ристе Пејовски

За проектот „Ѕвезди на светската книжевност“, кој почна во 2009 година, според некои податоци, се потрошени 4 милиони евра за печатење на 429 наслови во тираж од 1.000 примероци. Во 2013 година за преводот и печатењето на 336 книги од проектот „Врвови на светска филозофија, историја, психологија и психоанализа“, Министерството за култура плати 1,7 милиони евра, а подоцна уште половина милион евра. Во 2015 година се печатеа наслови од едициите „Светско книжевно богатство“ и „Антологија на светска поезија“. Голем дел од овие наслови, исто така, останаа нераспределени, освен дел од тиражот кој го преземаа самите издавачи на овие наслови. Дел од едициите се во продажба во НУБ и во книжарниците, по симболични цени. Едицијата историски книги „Pro Macedonia“ брои 80 наслови, меѓу кои се и биографиите за Гоце Делчев, Васил Чакаларов, Даме Груев, Андон Ќосето и Христо Матов, а секоја чини меѓу 150 и 500 денари,

Во 2018 година, кога со Министерството за култура раководеше Асаф Адеми, беа распределени околу 170.000 примероци, со оглед на тоа што тогаш Министерството имаше на располагање дури 770 илјади примероци од кои требаше да се „ослободи“ преку проширување на списокот на институции и помали библиотеки кои би презеле дел од отпечатениот тираж. Со ваква динамика на редистрибуција, за остатокот од 599 илјади примероци тешко дека ќе се најде трајно решение во наредните три до четири години.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот