ФОТО: Петровска ги посети нашите офицери кои се школуваат во Америка

Фото: Министерство за одбрана

Петровска во посета на Воениот колеџ на копнената војска на САД во Пенсилванија: Високи резултати на нашите офицери кои се школуваат во оваа престижна институција

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во рамките на работната посета на САД го посети Воениот колеџ на копнената војска на САД во државата Пенсилванија, етаблирана и високо рангирана воено-образовна институција на американската армија.

Петровска се сретна со генерал-мајор Дејвид Хил и со проректорот на Колеџот, д-р Џејмс Брекенриџ.

„Образованието на Воениот колеџ е согласно највисоките воени стандарди и навистина ми е задоволство што преку ИМЕТ програмата со САД, Северна Македонија испраќа свои офицери кои тука го до-усовршуваат своето воено образование. Таа практика ќе продолжи и ќе се интензивира”, рече министерката на средбата.

Петровска додаде дека Армијата на Воениот колеџ на копнената војска на САД ги испраќа офицерите кои се планирани за поставување на високи лидерски позиции имајќи предвид дека на овој Колеџ тие стекнуваат знаења на стратегиско ниво, запознавајќи се и решавајќи комплексни стратегиски предизвици. Додаде дека постои сериозен потенцијал за продлабочување на соработката помеѓу Колеџот и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”, реномирана воено-образовна институција која продуцира кадри за Армијата на Република Северна Македонија и армиите на земјите од регионот.

За време на посетата, министерката беше брифирана за академските програми на Колеџот, а учествуваше и на тркалезна маса со Катедрата за европски прашања, посветена на европската безбедносна политика, новата безбедносна реалност во Европа предизвикана од руската инвазија на Украина, како и регионалната соработка и предизвиците по регионалната безбедност.

Во Воениот колеџ на копнената војска на САД министерката се сретна и со двајца офицери на Армијата кои во моментов се школуваат на Воениот колеџ, полковникот Наумоски и потполковникот Миленковски, на кои им порача дека развојот на военото образование е клучот за успешна и професионална Армија и дека токму на овој начин можеме да изградиме поблиски односи помеѓу двете држави, посилна меѓуармиска соработка и лични контакти кои ни овозможуваат да функционираме како едно со сите сојузници во Алијансата.

До денеска, десет офицери на Армијата биле дел од образовните програми на Воениот колеџ во Пенсилванија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот