ФОТО | „Ова е голем успех“: Еминем одбележа 16 години трезност, обожавателите му велат дека се горди на него

Фото: EPA/Инстаграм/Еминем

Американскиот рапер Еминем (51) одбележа важна годишнина во неговиот живот – 16 години трезност.

Тој сподели фотографија со паричка на која е изгравиран бројот 16 и на која се прикажани зборовите „единство“, „служба“ и „закрепнување“, што ја симболизира неговата постојана посветеност на трезвен начин на живот.

Имено, станува збор за т.н. „паричка за трезност“, која ја добиваат членовите на здружението „Анонимни алкохоличари“ или на останатите 12-чекорни програми за одвикнување од зависности, откако ќе успеат да постигнат одреден период во кои не користат супстанци кои им предизвикуваат зависност.

Многумина во коментарите му честитаа на славниот рапер за успехот.

„Толку сум горд на тебе“, „Ова е голема работа. Секоја чест што си пример за другите“, „Најголемо влијание и ментор“, му напишаа неговите обожаватели.

Фото: Инстаграм/Еминем

Да потсетиме, Еминем доживеа речиси фатално предозирање со дрога во 2007 година, момент кој бил клучен за да побара помош. Во екот на својата зависност, тој признал дека консумирал и до 20 таблети дневно.

Говорејќи за „Њујорк тајмс“ во 2011 година, Еминем детално ја опиша својата борба со зависноста, откривајќи дека насловот на неговиот албум „Recovery“ (во превод – „закрепнување“) е директна референца за неговата борба со супстанции како што се викодин, валиум и амбиен. Тој несвесно земал и метадон, лекот што го довел до предозирање.

„Се сеќавам кога првпат станав трезен и кога сите глупости беа надвор од мојот систем. Се сеќавам дека бев навистина среќен и сето тоа беше ново за мене“, рече тој за време на појавувањето во поткастот на Пол Розенберг во 2022 година.

Во интервју за „Менс журнал“ во 2015 година, раперот ја нагласи улогата на неговата физичка активност во неговото закрепнување.

„Кога излегов од рехабилитација, требаше да ослабам, но и да најдам начин да функционирам трезен. Имав проблеми со спиењето, па почнав да трчам. Тоа ми стана природен извор на ендорфин (хормон на среќата), но исто така ми помогна да спијам, па беше совршено“, изјави тој за ова списание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот