ФОТО: Медицински отпад, картонски и пластичен смет расфрлан низ гробиштата во Бутел

Фото: Слободен печат

Медицински отпад, картонски и пластичен смет расфрлан низ гробиштата во Бутел, и тоа конкретно во реонот на православните гробови во Алеа 2, реагира читателка на „Слободен печат“ која за овој проблем ни испрати и фотографии.

-Расфрлан медицински отпад помеѓу гробните парцели, искористени шприцеви, игли, стаклени шишенца, амбалажи од антибиотици, гази, памук, шишиња за инфузии… Од другата страна, купишта картонски и пластичен смет и остатоци од исушени гранки до висина од еден метар, кои ги попречуваат патеките, кои ги поврзуваат гробните парцели, реагира таа и прашува:

Фото: Слободен печат

-Дали ние граѓаните на Скопје, кои одиме да изразиме почит кон нашите најмили, кои заминаа од овој свет заслужуваме ваков потресен призор, иако, секој од нас редовно плаќа гробарина за одржување на гробиштата на Акционерското друштво за погребни и придружни активности Бутел?

Според информациите објавени на веб страницата на АД Бутел „гробарина е надомест за одржување на гробиштата. Одржување на гробишта е тековно и инвестиционо одржување на комуналната инфраструктура и придружните објекти на гробиштата“.

Од друга страна, „одржувањето на надгробниот споменик на гробното место го врши носителот на гробното место“ и тој се обврзува „редовно да плаќа гробарина на управителот на гробиштата заради одржување на гробиштата. Цената на гробарината годишно изнесува 320,00 денари, со можност да се плати однапред за наредните 5 години“.

Фото: Слободен печат

-Ако ние, кои ги посетуваме гробовите на нашите блиски ги почитуваме правилата на Бутел, секој сам да се грижи за одржување на надгробниот споменик на гробното место, за кој платил предходно и бездруго огромна сума пари, и за кој еднаш годишно плаќа гробарина, тогаш зошто тие, со средствата кои им ги уплаќаме на нивна сметка, не се грижат за комуналната инфраструктура на гробиштата, како што и самите напишале дека се обврзуваат?!, прашува читателката на „Слободен печат“ која вели дека ваквата состојба со несреденост на гробиштата Бутел се повторува и досега, и покрај реакциите на граѓаните, нема одговорност од надлежното АД за погребални услуги.

Иако граѓаните плаќаат за одржување и чистење на просторот околу гробните места, собирањето на ѓубрето после верските обреди и помени, е секако обврска на сите посетители како и на било кој јавен простор или престој во природа.

Но, од фотографиите е евидентно дека и надлежните од АД Бутел не си ја завршуваат својата работа, па купишта ѓубре како стари крстови, искосена трева и гранки оставаат зад себе што ги попречува движењето и предизвикува револт кај граѓаните.

Расфрланите шприцеви и игли укажуваат на тоа дека гробиштата ги посетуваат и зависници, за што обезбедувањето треба да води сметка да не се сквернават вечните почивалишта на сограѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот