ФОТО/ВИДЕО: Лавров е против „омразениот Запад“, ама има „Ајфон“ и носи маичка од њујоршки геј-дизајнер

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денеска се појави на снимка од Бали, каде се одржува самитот на групата Г-20, откако беше пренесена вест дека тој бил примен во болница во Индонезија.

Информацијата дека Лавров бил хоспитализиран ја објавија индонезиските власти, а ја пренесоа западните медиуми. Подоцна, гувернерот на Бали дообјаснуваше дека рускиот министер бил на „редовен преглед“ во болницата.

На снимката, Лавров во опуштено издание, облечен во маичка и шорцеви, на тераса од хотелот разговара со портпаролката на неговото министерство, Марија Захарова. Таа, објавувајќи го видеото, рече дека гласините за наводна срцева болест на 72-годишниот Лавров се „врвен фалсификат“.

Но, медиумите на видеото од рускиот министер забележаа нешто друго – дека Лавров, кој е лицето на руската надворешна политика во светло на војната во Украина и секојдневно жестоко го напаѓа Западот, е опкружен со производи на западни компании. На снимката се забележува дека Лавров, кој САД и Британија ги нарекуваше „чисто зло“, на масата има телефон „Ајфон“ на американскиот технолошки гигант „Епл“, а на раката носи часовник од истата фирма.

Додека зборува дека западните медиуми малициозно измислуваат работи за него, Лавров носи и маичка-дело на њујоршкиот дизајнер Жан-Мишел Баскија, американски дизајнер по потекло од Хаити, кој бил близок пријател на Енди Ворхол, бисексуалец и голем поборник за правата на ЛГБТ-популацијата, како и антиколонист – целоцна спротивност на уверувањата на Лавров. Баскија починал во 1988 г. од предозирање со хероин.

Пред само две недели, во Русија беше усвоен закон со кој „ЛГТБ-пропагандата“ и „негирањето на традиционалните семејни вредности“ (бракот меѓу маж
и жена) станува кривично дело кое ќе се казнува со затвор.

Инаку, „омразениот Запад“ од пропагандата на Кремљ е омилено место на кое претставниците на руските власти, најблиските соработници на Владимир Путин, ги испраќаат своите деца да студираат и да живеат. Токму поќерката на Лавров, 26-годишната Полина Ковалева, со години живее живот на инфлуенсерка во Лондон, во стан кој го купила за 4,4 милиони фунти во кеш кога имала 21 година, далеку од студот на Русија и војната во Украина. Пред станот на Ковалева пролетва беа организирани протести, а таа во јуни беше ставена на британската листа на луѓе под санкции поради блискост со власта на Путин.

И Јелизавета Пескова, ќерка на портпаролот на Путин, Сергеј Песков, уште од средношколска возраст е во Франција и се школуваше во угледното училиште „Де Рош“ кај Париз, каде годишната школарина изнесува 35.000 евра. Таа живее во стан од 180 квадрати на авенијата „Виктор Иго“ во францускиот главен град, вреден два милиони евра.

Русија демантира дека Лавров завршил во болница: Ова е врвна лажна вест

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот