Формирањето влада на Герт Вилдерс започнува со фијаско

Герт Вилдерс/ Фото: EPA-EFE/Robin van Lonkhuijsen

Гом ван Стриен, надгледувач на преговорите за владина коалиција, поднесе оставка по обвинувањата за измама. А преферираниот коалициски партнер на Вилдерс, партијата ВВД, која сè уште е во владата, е претпазлива.

Преговорите за формирање влада по изборната победа на десничарскиот популист Герт Вилдерс во Холандија заглавија непосредно пред почетокот. Гом ван Стриен, посредникот назначен од Вилдерс да ги води разговорите, ја објави својата оставка откако медиумите објавија наводи за измама во неговата поранешна компанија.

„Немирите“ околу извештаите и времето потребно да се одговори на нив соодветно „не се вклопуваат во мојата работа“ како надгледувач, изјави Гом ван Стриен.

Затоа, истакна сенаторот од Партијата за слобода на Вилдерс (ПВВ), тој ги известил Вилдерс и претседателот на Парламентот за неговата оставка. Ван Стриен требаше формално да започне разговори за формирање коалиција и да се сретне со партиските лидери.  ПВВ освои 37 од 150 места  на  парламентарните избори  одржани минатата среда.

Формирањето влада инаку е традиционално тешко во Холандија поради високо фрагментираниот политички систем. Четири или повеќе партии често се потребни за формирање на владин кабинет. Затоа, по изборите, традиционално се ангажира лице кое ја сондира можноста за формирање владина коалиција, негова задача е  да разговара со сите парламентарни партии и дури потоа почнуваат суштински преговори меѓу нив.

И онака нелесната задача стана уште покомплицирана за Вилдерс, откако лидерката на долгогодишната граѓанско-конзервативна владејачка партија ВВД, Дилан Јесилгоз, посочи дека не сака да се приклучи на владата. Таа во петокот објави дека само ќе „поддржи“ сојуз на десниот центар. Тоа значи дека нејзината партија ќе одлучи од случај до случај дали ќе гласа со малцинска влада предводена од Вилдерс. ВВД на сеуште  актуелниот премиер Марк Руте  претрпе значителни загуби на изборите.

Победата на Вилдерс,  кој ги опиша поранешниот американски претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан како идоли, е еднаква на  политички земјотрес за Холандија.  За време на предизборната кампања тој најави дека ќе ја запре секоја имиграција, ќе ги намали холандските плаќања кон Европската унија и ќе спречи пристапување на нови членки како Украина. Вилдерс исто така е против понатамошна испорака на оружје за Киев. Тој паушално го отфрла исламот и жестоко полемизира со муслиманите и имигрантите.

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот