Фински музичари со петиција бараат забрана за учество на Израел на Евровизија

Фото: Facebook / Epa

Повеќе од 1.400 музичари во Финска потпишаа петиција со која бараат забрана за учество на Израел на Евровизија поради војната во Газа, пишува „Би-би-си“.

Доколку Израел не биде исклучен, тие бараат Финскиот радиодифузен сервис – „Јле“ да го повлече учеството на Финска од натпреварот.

Финскиот радиодифузен сервис изјави дека ги следи чекорите на Европскиот радиодифузен сервис, кој е организатор на Евровизија. Минатиот месец, музичари на Исланд поставија слични барања до радиодифузерот „Рув“.

Еден од креаторите на петицијата, Лукас Корпелаинен изјави дека е неприфатливо за „Израел да учествува на Евровизија за да го подобри својот имиџ“.

Меѓу потписниците се финските музичари Олави Усивирта, Палефејс и Аскел Енстром кои ја претставуваа земјата на натпреварот во 2011 година.

Тие го обвинуваат „Јле“ за двојни стандарди, велејќи дека бил меѓу првите кој предложил забрана на Русија за учество на Евровизија во 2022 година.

„И сега го очекуваме истото активно бранење на вредности“, велат потписниците на петицијата.

Еден ден откако Русија ја започна целосната инвазија на Украина во 2022 година, претставникот на „Јле“, Вилле Вилен рече дека нападот на Москва е спротивен на сите вредности што ги претставуваат финската и другите европски радиодифузери. Скоро после тоа Европскиот радиодифузен сервис ѝ забрани на Русија за учествува на Евровизија.

Вилен вели дека ситуацијата со Израел и Газа, „не е баш иста“.

„Колку и да е страшно, тоа не е војна на меѓудржавна агресија како што е тоа меѓу Русија и Украина“, изјави тој за финскиот таблоид Илта-Саномат минатиот месец.

Од финскиот радиодифузен сервис соопштија дека планираат да се сретнат со креаторите на петицијата.

Во декември со свое соопштение излезе и Европскиот радиодифузен сервис кој рече дека Евровизија е „за радиодифузери – не за влади“ притоа додавајќи дека Израел веќе 50 години учествува на натпреварот.

Исто така оттаму кажаа дека сите членки организации се согласиле дека израелскиот јавен радиодифузен сервис – Кан ги почитува „сите правила за натпреварување“ и инсистирале дека натпреварот е неполитички настан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот