Филмска копродукција: Светската премиера на „Барајќи ја Венера“ ќе се случи во Ротердам

Продуцентските куќи „Круг филм“ и „Аудиохаус“ соопштија дека светската премиера на долгометражниот игран филм „Барајќи ја Венера“ во режија на Норика Сефа, снимен како косовско-македонска копродукција, ќе се одржи на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам. Филмот е селектиран во програмата „Tiger Competition“, а фестивалот ќе се одржи во февруари 2021 година.

Станува збор за дебитанско остварување на режисерката Норика Сефа, чие сценарио било препознаено од македонските продуценти и Агенцијата за филм на РСМ, која го поддржала проектот. Тонската постпродукција и звучниот дизајн на филмот се направени во продуцентската куќа „Аудиохаус“ во Скопје. Македонски продуценти на проектот се Дејан Крајчевски и Игор Поповски.

– Станува збор за исклучително сензибилен филм во кој македонската поддршка во тонскиот дизајн и конечната реализација беше клучна да се реализира вакво несекојдневно остварување, кое стана дел од трката за награда на еден од најзначајните европски филмски фестивали. Се радуваме на успехот и се надеваме дека регионалните копродукции се еден од начините да станеме дел од европската мапа на филмски фестивали – истакнуваат македонските продуценти.

Филмот „Барајќи ја Венера“ раскажува приказна за скромната тинејџерка Венера, која живее во мало село на Косово. Во нејзиниот дом живеат три генерации, така што таа нема многу приватност. Надвор, на улиците и во кафулето, не е многу подобро: селото е мало и секогаш има брат, внук или сосед, кој внимава на неа. Од една девојка се очекува, пред сè, да ја заштити својата добра репутација – и таа на нејзиното семејство… Од косовска страна продуцент е Бесник Крапи, сценариото е на Сефа, а кинематографер е Луис Армандо Артеага.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот