Филипче ги откачи за средба: Администрацијата од здравство утре излегува на улица

Фото: МИА

Администрацијата вработена во јавните здравствени установи како и помошниот немедицински кадар утре излегува на улица со цел јавно да го искажат незадоволството поради тоа што не добија зголемување на платата заедно со лекарите и медицинските сестри. Откако го најавија протестот, имале два обиди за средба со министерот за здравство Венко Филипче, но и во двата случаи тој им ја откажал средбата со објаснување дека има други обврски. За денеска им било речено дека ќе патува во странство, иако тој се појави на настан во Демир Хисар.

– Ова не е протест, туку јавно искажување на незадоволство. Ние сме администрација, но во рамките на јавното здравство, и затоа не може да не изедначуваат со другата администрацијата – велат организаторите на настанот.

Главниот собир ќе биде утре пред Министерството за здравство во 12.30 минути каде, покрај вработените од Клиничкиот центар, ќе дојдат и вработени од другите здравствените установи. Низ градовите ќе се соберат пред здравствените домови. За искажување на незадоволство ќе го искористат правото на пауза, додека во останатиот дел од работниот ден ќе ги исполнуваат своите работни задачи.

Доколку не бидат сфатени сериозно, не кажуваат дали ќе продолжат со нови протести, но велат дека многуте правници кои се дел од оваа група планираат да поднесат тужба за дискриминација.

Болничарите, администрацијата, шоферите имале состанок со синдикатот на Клиничкиот центар и гранковиот синдикат за здравство, но од нив не успеале да добијат јавна поддршка за протестот, иако на состаноците било искажано разбирање за нивниот револт.

Тие преку соопштение до јавноста велат дека се изманипулирани и оставени да преживуваат со минимални примања. Велат дека нивните плати се минимални и се движат од 12.000 до 20.000 денари. Само во јавните здравствени установи во Скопје работат околу 6.000 вработени.

Од февруари, специјалистите на контото ќе добиваат 25 отсто повиска плата, општите доктори 15, додека пак медицинските сестри 10 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот