Немедицинскиот персонал во здравството се спрема за протест: Како ќе вози брзата помош без шофер?

Болничарите, администрацијата, шоферите и другиот технички персонал во јавното здравство се подготвува за протест на 27 овој месец. Тие се разочарани од тоа што за нив не важи зголемувaњето на платите кои го добиваат лекарите и медицинските сестри.

– Министерот нека објасни како возилото на итна помош ќе оди на интервенција ако нема шофер. Како пациентите ќе дојдат до лекарот на преглед доколку административните работници не ги процесуираат документите. Како лекарите и сестрите ќе земат повисоки плати ако сметководителот не им ги пресмета. Немедицинскиот персонал во здравството е многу важна алка без која не може системот да функционира, затоа и тој не треба да биде изземен – објаснува вработена во Клиничкиот центар.

Тие преку соопштение до јавноста велат дека се изманипулирани и оставени да преживуваат со минимални примања. Велат дека нивните плати се минимални и се движат од 12.000 до 20.000 денари. Доколку до 27 овој месец не добијат покачување, на 28 ќе организираат протест. Според неофицијалните информации, вработените добиле ветување да почекаат до наредната недела, бидејќи се работи на изнаоѓање решение. Во јавните здравствени установи во Скопје работат околу 6.000 вработени кои ако до 27 месецов не добијат повисоки плати ќе излезат на протест.

Според неофицијалните информации и медицинскиот персонал не е задоволен од покачувањето бидејќи е направена поделба, односно највисоко покачување добија лекарите. Така медицинските соработници, техничарите на Институтот за радиологија, медицинските сестри, сите се незадоволни бидејќи е направена дискриминација и поделба.

Од Министерството за здравство велат дека во однос на ова прашање веќе е разговарано со претставниците на двата синдиката, при што е увидено дека администрацијата која работи во рамки на јавните здравствени установи не може да се оддели од останатата администрација која работи во останатите сектори.

„Тоа беше единствена причина зошто зголемувањето на платите во здравството од почетокот на оваа година важеше за сите, освен за административците. Тие зголемувањето од пет проценти го добија од септември, како и администрацијата во секој друг сектор“, велат од ресорното министерство.

Оттаму додаваат дека се реализирани повеќе средби по зголемување на платите во јануари, а во наредниот период ќе следат разговори и со претставници од Министерството за информатичко општество и администрација со цел да се види, дали заради спецификата на работата, администрацијата која работи во здравствениот сектор, може некако да се оддели од останатата администрација.

По заканите за штрајк од здравствените синдикати, власта вчера предизборно одлучи да им ги покачи платите на здравствените работници. Ресорниот министер вчера соопшти дека од февруари специјалистите на контото ќе добиваат 25% повиска плата, општите доктори 15 проценти, додека пак медицинските сестри 10%.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот