Фестивалот „МакеДокс“ ќе промовира нова ВОД-платформа на Берлинскиот филмски фестивал

Скриншот од ВОД-платформата со фокус на документарните филмови

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, во склоп на европскиот филмски маркет на Берлинскиот филмски фестивал, на 18 февруари ќе ја промовира новата ВОД-платформа – https://www.doc-around-europe.net/. Платформата ќе има за цел на европската публика во наредните две години да ѝ понуди можност да погледне повеќе од 70 документарни филмови од автори во подем.

Платформата претставува една од активностите на мрежата на фестивали „Doc Around Europe“, чиј основач е „МакеДокс“ заедно со „Docs Barcelona“ (Шпанија), FIPADOC (Биариц, Франција), „DOK.fest Munich“ (Германија) и „Verzio“ (Будимпешта, Унгарија). Како фестивал кој доаѓа од земја со низок аудиовизуелен капацитет, „МакеДокс“ има за цел да го промовира балканскиот документарен филм преку активностите на мрежата.

Мрежата своите активности ги започна во 2020 година и има за цел да ги промовира младите автори и авторите во подем. Во досегашните активности на мрежата беа опфатени повеќе од 80 филмови и нивните автори, автори и продуценти со проекти во развој, како и други млади професионалци од областа на документарниот филм.

Платформата има за цел да промовира висококвалитетни европски документарци кои ќе допрат до пошироката публика и ќе го зајакне нивното присуство на интернационалните маркети.

Освен тоа што ВОД-платформата ќе биде отворена за публиката ширум Европа, во нејзин склоп ќе биде креиран посебен дел наменет само за професионалци од филмската индустрија во Европа. Во овој дел, кој ќе има ограничен пристап зa индустријата, ќе бидат поставени дополнителни 100 документарни филмови од автори во подем и млади автори, кои ќе бидат понудени на дистрибутери, фестивалски селектори, ТВ и ВОД-платформи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот