Фестивал на светлосната уметност и видеомапингот: Скопје ќе блесне со креации од светлина

Од второто издание на Skopje Light Art District / Скопје, мај 2019/ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Фестивалот „Скопје лајт арт дистрикт“ веќе зазема своја позиција на мапата на културните случувања во градот, а годинава од 19 до 22 август ги повикува посетителите да ја следат „зелената патека“.

Третото издание на фестивалот на светлосната уметност и видеомапингот „Скопје лајт арт дистрикт“ ќе се одржи во четири вечери на 18 локации, почнувајќи од симболот на Скопје, каде за првпат граѓаните на Скопје ќе имаат можност да присуствуваат на уникатно доживување, видеомапинг на Камениот мост, проследено со музика и анимации, изработени од страна на реномираната француска продукција „Лоом прод“.

Од првото издание на Skopje Light Art District / Скопје, октомври 2018 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Замислената рута на движење ќе се протега од Камениот мост, кејот на реката Вардар, зградата на МЦМ и Градскиот парк. За првпат, годинава, фестивалот има своја тема, односно ќе се обиде да даде одговори и да продуцира решенија претставени преку креации со светлина за општествените недостатоци, како екологијата, еколошката свест и поттикнувањето на одговорноста за зачувување на животната средина, објасни Филип Аврамчев, директор на Универзална сала.

Од првото издание на Skopje Light Art District / Скопје, октомври 2018 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Фестивалот веќе зазема своја позиција на мапата на културните случувања во градот. Која беше првичната идеја за организирање фестивал посветен на светлосната уметност и видеомапингот?

– Првичната идеја за овој фестивал дојде од вмрежувањето на Град Скопје со уште девет други европски градови во рамки на проектот ROCK (Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови) на Европската унија и програмата „Хоризонт 2020“. Во рамките на тој проект и размената на искуства меѓу градовите на културен план, произлезе идејата и настана првото изданије на „Скопје лајт арт дистрикт“ во 2018 година во склоп на „Бела ноќ“.

Од првото издание на Skopje Light Art District / Скопје, октомври 2018 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поради големата посетеност и интерес од публиката, веќе од следната година решивме да се оддели од „Бела ноќ“ и да заземе посебно место на културната мапа во Скопје. Од друга страна, потребата за организирање на ваков своевиден музеј на отворено, произлегува од малата посетеност на музеите, културните институции и галерии во градот, како и слабата едукација од областа на културата и културното живеење.

Филип Аврамчев – Нашата мисија е да го истакнеме градот како жив организам, да ја возбудиме имагинацијата и да поттикнеме простор за креативност и истражувачки несекојдневен ритам

Идејата за фестивалот содржи повеќе компоненти – уметност, технологија, архитектура. Каков тип на организација е потребна за реализација на фестивал од овој вид?

– Овој тип на настан има повеќе свои улоги, но она што најмногу се истакнува е промоцијата и интеграцијата на уметноста, изградената архитектура и околината на архитектурата. Предизвикот е голем. Нашата мисија е да го истакнеме градот како жив организам, да ја возбудиме имагинацијата и да поттикнеме простор за креативност и истражувачки несекојдневен ритам.

Од второто издание на Skopje Light Art District / Скопје, мај 2019/ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Оваа година ќе учествуваат повеќе од 25 домашни и странски уметници и изведувачи со чија помош ќе ја презентираме и ќе потсетиме на врската помеѓу културното наследство, Камениот мост и модерното живеење, односно модерното живеење истакнато преку потребата од зелена еколошка свест, најголемата зелена површина во градот, Градскиот парк.

Од второто издание на Skopje Light Art District / Скопје, мај 2019 / Фото: SKLAD

Воедно, концептот на настан од овој тип, имајќи ја предвид пандемијата на ковид-19, сам по себе, претставува настан што овозможува да се почитуваат мерките за заштита, бидејќи се одржува на отворено. За првпат годинава, делата од странските уметници ќе бидат поставувани од нашиот тим, а не од самите автори, каква што била практиката до сега.

Кој е вклучен во реализацијата на третото издание на фестивалот?

– Традиционално, веќе трета година настанот е во организација на ЈУ Универзална сала – Скопје, така што, пред сѐ, тоа се вработените во институцијата. Тука е и Александра Стратимировиќ Дагфелд, уметничката директорка на фестивалот, која како реномиран уметник од областа на светлосната уметност ја доловува магијата од познатите светски фестивали на светлина.

Од второто издание на Skopje Light Art District / Скопје, мај 2019/ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во организацискиот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“ има уште неколку лица кои учествуваат уште од првото издание на фестивалот, кои пренесуваат практики и искуства, работејќи на други реномирани европски фестивали. Оваа година за првпат имаме и група волонтери, кои ќе се вклучат во организација на третото издание.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 44, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот