Фантом продавница измами скопјанка: Си нарачав машина за везење од интернет, добив неколку маски против ковид!

Пензионерка од Скопје се жали дека нарачала и платила машина за везење, која што мислела да ја користи за креативно да си го пополни времето, меѓутоа, наместо нарачката што ја платила вкупно 50 долари, во поштенското сандаче добила неколку заштитни маски во коверт. Пратката ја следела на интернет, како патува, но непријатно се изненадила кога нејзината големина не соодветствувала со големина на било каква машина!

-Се изненадив што наместо пакет, добив обичен коверт. Ниту има каде да се пожалам, ниту пак парите ќе ми бидат вратени. Компанијата беше наведена под името „Хуго Кеннан“, а пратката е испратена од Германија. Не ми е за педесет долари, туку за тоа што голем број на сиромашни граѓани се излажани. Продаваат и други машини, не само оваа машина, меѓутоа со оглед на тоа што јас добив само неколку хируршки маски, сигурно има и други измамени граѓани, вели Нада Миливојевиќ за Слободен печат.

Таа додава дека плаќањето го извршила со платежна картичка и нема како да си ги врати парите, меѓутоа она што ја вознемирува дополнително е што на страницата од каде го нарачала производот што требало да биде машина за везење, се продаваат и други производи коишто се атрактивни за голем број купувачи.

-Имаат наведено повеќе производи, меѓу кои и скутер за лица кои имаат проблеми со подвижноста, за само 49 долари, електроника, производи за домаќинството и одржување на дворови, едноставно огромен асортиман на производи кои никогаш не се доставувани до нарачателот. Требаше да ми стане сомнително дека се работи за измама уште кога видов дека на веб страницата едиствениот начин да ги контактирате е мејл адресата, меѓутоа, тоа отпосле го забележав. Апелирам граѓаните да не наседнуваат на ваквите понуди, а ако постои можност, оваа страница да стане недостапна во Македонија, додава Миливојевиќ.

Нарачките на веб страницата хугокеннан.цом се прават без никаква регистрација на нарачателот, а се плаќа во американски долари, цените се нереално ниски и нема физичка адреса на компанијата ниту телефонски број за контакт. Сите овие карактеристики, според она што го наведуваат луѓе што купувале оттаму, ја вбројуваат оваа страница на интернет во непрепорачлива. Во неколку оценки за страницата на блог платформи, може да се најдат предупредувања дека се работи за сомнителен дистрибутер, односно дека станува збор за измамничка онлајн продавница. Иако веб страницата има професионален изглед и ги содржи навидум сите гаранции дека парите ќе ви бидат вратени доколку нешто ви недостасува во нарачката, сепак, примерот со Миливојевиќ покажува дека тоа не е така.

Пандемијата со коронавирусот ги затвори граѓаните дома, ги намали домашните буџети и пазарењето во физичките продавници и трговски центри го направи непрепорачливо и ризик за добивање зараза. Затоа се поголем број на граѓани купуваат од дома преку интернет, не сомневајќи се дека од другата страна на мониторот всушност стои фантом кој сака да профитира преку лажно рекламирање на атрактивни производи по дампинг цени. Препорачливо е купувачите да одбегнуваат онлајн продавници кои се нови, немаат наведени генералии за физичката адреса и немаат добри препораки од претходни купувачи.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, вели дека уште од 2019 година на нивната веб страница објавиле дека немаат опрема, ниту можност ниту начин да делуваат за лажење при продажба преку социјални мрежи.

-Дел од производите можеби се продаваат како што треба во нашата држава, меѓутоа тие производи што ќе дојдат од надвор не можеме да знаеме какви се, ниту имаме можност за тоа. За да можеме да постапуваме и да имаме надлежност, потребно ни е да имаме фискална сметка дека производот е купен и гарантен лист за точното место од каде е купен производот. Тие што купуваат на интернет често не знаат да кажат ниту од каде купиле, а бидејќи се работи за друга држава и треба да се пожалат во амбасадата. Ни доставувале порано поплаки за производи од странство, но последнава, 2020 година се научија луѓето дека кога купуваат онлајн, на сопствен ризик ги земаат последиците. Беа многу претпазливи, од кого и што купуваат, па петпати ќе прашаат додека да купат. И немавме голем број поплаки. За тоа немаме ниту луѓе, ниту потребна опрема, ниту пак можеме согласно нашите законски прописи да го земеме ова во надлежност, изјави Пауновски за Слободен печат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот