Евроскептицизмот ќе расте, уште една загубена година

Знаме Македонија и ЕУ / Фото: МИА

Пред декември Македонија не може да ги почне преговорите за членство во ЕУ, а неизвесно е дали ќе ги почне и тогаш поради политичката ситуација во Бугарија и можноста и по следните парламентарни избори што би се одржале во јули да не се оформи мнозинство за новата бугарска влада.

Ова е експертското мислење и по средбите на претседателот Стево Пендаровски, со високи европски претставници на ЕУ во Брисел завчера, од каде што порача дека земјава е подготвена веднаш да седне на преговарачката маса со Бугарија за да се надмине билатералниот спор и да се отвори патот кон ЕУ. Оваа година секако е загубена за преговорите со ЕУ, а ваквата состојба може да му оди во прилог на евроскептицимот.

Кржаловски: Преговори најрано од 2022 година

Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, проценува дека и јулските избори може да не ѝ донесат влада на Бугарија, а Македонија да ги почне преговорите со ЕУ најрано во следната 2022 година.

– Победата на ГЕРБ беше пирова, затоа што никој не сакаше да коалицира со нив, но и новата партија „Има таков народ“ на Слави Трифонов одби да составува влада со другите партии, сметајќи ги за остатоци на досегашниот корумпиран систем, во кој само повремено се менуваа едните и другите, ГЕРБ и БСП, на власт, без реални реформи и развој. Тој реши да се оди на нови избори, со надеж дека овој полет со одличните резултати ќе го преточи во изборна победа во јули. Дали така ќе биде, останува да се види, иако е веројатно дека е тоа малку „сметка без меанџијата“. Секако другите партии нема така да се „предадат“, ниту гласачите што гласаа за другите опции толку лесно или во толкав број ќе „сменат страна“. Можеби ќе има поголем одзив и новите гласачи ќе донесат поголем процент за Трифонов, но не во обем каков што тој очекува, ниту ќе му овозможи самостојно владеење – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Тој додава и дека новите избори ќе им дадат нова шанса на губитниците како ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов.

– Не очекувам битни промени за нас, особено не почеток на преговорите во ЕУ додека не се разреши ситуацијата во Бугарија, иако не е исклучен и некој таков потег на Бојко Борисов, кој уште е формално премиер, но без легитимитет. Напредок најрано би можело да се очекува на интерминистерска конференција во декември, но се сомневам. И со евентуалното доаѓање на Трифонов на чело на бугарската Влада, тоа нема да биде толку брзо како што ние би сакале, туку најрано идната година – вели Кржаловски.

Но во првата половина од 2022 година со ЕУ ќе претседава Франција, која не е многу наклонета кон проширувањето на ЕУ и која во 2019 година ги сопре Македонија и Албанија, наметнувајќи ѝ на Унијата да усвои нова методологија за преговарање на земјите-кандидати.

Пендаровски: Западен Балкан е предолго во транзиција кон ЕУ

Да разговараме за сите отворени прашања, се разбира, со оние црвени линии за кои не очекуваме повторно да бидат на преговарачка маса, рече Пендаровски во Брисел. Тој нагласи дека предуслов повторно да започнат разговорите со Бугарија е да се идентификува соговорникот од бугарска страна, односно да се формира политичка влада, затоа што техничката влада која се очекува да се формира „нема да има јасен политички легитимитет да навлегува во овие прашања“.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, бугарскиот пратеник Илхан Ќучук, вели дека е свесен дека повторното одлагање на почетокот на преговорите ќе има обесхрабрувачки последици врз јавноста, но според него „иднината е легитимен аргумент, но и за минатото треба да има разбирање во двете држави“. Во куса изјава за МИА тој рекол дека го смета претседателот Пендаровски за некој што може да се постави како гарант за конструктивноста во решавањето на спорот со Бугарија.

– Не останува време до крајот на португалското претседателство и треба да бидеме подготвени за тоа сценарио. Не ми личи реалистично Бугарија сега нешто да прифати. Треба да се работи на тоа да се реши билатералниот проблем, со намалување на националистичката реторика од двете страни – изјавил Ќучук.

Пендаровски завчера се сретна со претседателот на ЕП Давид Сасоли, потпретседателот на ЕК, Жозеп Борел, со комесарот за проширување Оливер Вархељ и други, и од сите добил поддршка за почеток на преговорите, но и желба за што поскоро надминување на билатералниот спор со Бугарија. Претседателот истакнал дека ЕУ треба да биде поактивна и нагласил дека за нас е значаен состанокот на 10 мај, на кој ќе се разговара за иднината на односите меѓу ЕУ и Западниот Балкан.

– За таа сесија е изготвен стратешки документ кој зборува за неопходноста да се засилат активностите и конекциите на ЕУ со Западниот Балкан. Во регионот две држави преговараат, но тој процес не е ниту близу до своето завршување. Две држави чекаат да почнат преговори, и тоа се одолговлекува во неколку наврати – прво ја чекавме новата методологија, а кога беше усвоена, излегоа некои други проблеми. Две држави од шесте од познати причини воопшто не се споменуваат како држави кои имаат можност наскоро да почнат преговори. ЕУ тоа сака да го промени по можност до крајот на годината. Можеме само да ги поздравиме нивните напори, бидејќи е јасно дека Западниот Балкан предолго време е во оваа транзиција без некои сигнификантни чекори напред – изјави Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот