Еврејската заедница ја објави книгата „Евреите во Штип“ од новинарот и публицист Мишо Китаноски

По повод 80-годишнината од холокаустот на 7.144 македонски Евреи (1943-2023 година) во издание на Еврејската заедница во Република Македонија е објавена книгата со наслов „Евреите во Штип“ со поднаслов „Од доселувањето до холокаустот“ од новинарот и публицист Мишо Китаноски.

Покровители на одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на Евреите во Македонија и промоцијата на книгата се Министерството за култура, Еврејската заедница во РМ, Фондот на холокаустот и Општина Штип. Манифестации за одбележување на холокаустот се одржаа и во Битола и во Скопје.

Книгата „Евреите во Штип, од доселувањето до холокаустот“ авторот Мишо Китаноски ја поделил на три дела. Во првиот дел, тој накратко зборува за прогонот што во 1492 година го почнале шпанскиот крал Фердинанд Втори и кралицата Изабела, прогонувајќи повеќе од 300 илјади Евреи, кои не сакале да преминат во католичката вера. Мал број од нив преку Солун се населиле во Скопје, Битола и во Штип, како и по некое еврејско семејство во неколку помали градови во Македонија.

Вториот дел од книгата е посветен на животот на Евреите во Штип меѓу двете светски војни, кога особено се развива трговијата и занаетчиството, во кое носители се штипски Евреи, сѐ до окупацијата на Македонија од бугарската фашистичка власт, војска и полиција. Но, за волја на вистината и во Кралството Југославија пред почетокот на Втората светска војна се донеле антиеврејски и антисемитски закони, кои по примерот на германските закони воделе директно за прогон и ликвидирање на Евреите од овие простори.

Третиот дел од книгата „Евреите во Штип“ на Мишо Китаноски е најопширен и донесува повеќе прилози во кои се користени бугарски документи во кои директно се зборува за начинот и постапката, како и за ликвидирањето на 7.144 Евреи во Македонија, од кои 551 се од Штип.

Овој погром почнува на 11 март 1943 год. со нивното собирање во привремениот логор во Монополот во Скопје, а од таму со три воза собраните Евреи се транспортирани во логорот на смртта Треблинка. А, сè започнало со донесувањето на Законот за заштита на нацијата, односно на бугарската држава, од Евреи, чиј указ за негова практична примена го потпишал царот Борис III, а бил усвоен од Народното собрание на Бугарија и од Владата на чело со Богдан Филов.

Директни реализатори на погромот на Евреите во Македонија и во Штип се министерот за внатрешни работи и народно здравје Петар Габровски и првиот човек на специјално формираното Комесарство за еврејски прашања, Александар Белев. Всушност, овие двајца во Бугарија пред Втората светска војна ја формирале фашистичката организација „Ратник“, која се обидела, но без никаков успех да формира клонови и во окупирана Македонија во 1941 година, се наведува во книгата на Китаноски.

На крајот од книгата „Евреите во Штип“ се поместени и два текста, во кои во првиот се зборува за 8-те спасени Евреи од Штип од колоната на смртта и вториот текст во кој во кратки црти се даваат податоци кои и како од бугарските окупаторски носители на холокаустот завршиле пред Народниот суд на Отечественофронтовска Бугарија и во затвор.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 170, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот