ЕУ го менува наративот за мигрантската политика, мигрантите и азилантите се пожелни на пазарот за труд

Конференција на тема „Северна Македонија и Западен Балкан низ призмата на новата политика на ЕУ за миграции и азил“/Фото: Слободен печат

Во изминатиот период намален е притисокот од мигрантите врз македонската јужна граница, но не и во европските држави посебно по последните воени дејства во Украина и конфликтите на африканскиот континент. Новата политика на Европската Унија за миграции и азил се базира на принципот на солидарност со економските и легалните мигранти и азилатни и како тие да се интегрираат на пазарот на труд во европските земји, по примерот на Германија и Канада.

Годинава македонското МВР бележи за 72 проценти намален број на случаи со криумчарење на мигранти и работи поактивно на реадмисија на мигрантите во земјите на потекло. Најголемиот притисок на бегалци и мигранти врз македонските граници се случи во 2015 година кога над 800.00о лица се обидуваа да влезат и да транзитираат низ Македонија кон европските земји.

-МВР реализираше од почетокот на оваа година до сега 47 случаи на криумчарење на мигранти, при што се фатени околу 360 мигранти и 17 членови на група кој криумчарела мигранти преку македонска територија. Направени се 6.000 обиди за влез во државава при што 90 проценти од вкупниот број на обиди за илегално преминување на македонската јужна граница се спречени. Кај нас намален е бројот на илегалните преминувања за 34 % за разлика од другите земји во регионот, потенцираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешната конференција на тема „Северна Македонија и Западен Балкан низ призмата на новата политика на ЕУ за миграции и азил“.

Земјите од Западен Балкан и Република Северна Македонија како една од нив, треба да продолжат да ја користат поддршката на ЕУ во областа на Правда, слобода и безбедност градејќи ги своите капациетети за подобра регионална соработка неопходна на полето на управување со миграцијата и азилот, е еден од заклучоците на оваа дискусија.

Проф. Милена Ѓуровска која е претседателка на Европското движење во РСМ и национален координатор на Националната конвенција на ЕУ во РСМ потсети дека Кластерот 1 кој подразбира реформи во правосудскиот систем е темел на преговорите со ЕУ и од него зависи напредокот на сите други кластери кои се отвораат на патот кон целосна интеграција во Унијата и на тој пат важен сегмент е демократизацијата.

Нејзиниот колега од Италија, претседател на тамошното Европско движење Пјер Вирџилио Дастоли нагласи дека оваа организација работи со невладиниот сектор на формирање на таканаречени „коридори за работа“ – систем во кој мигрантите ќе имаат право на заштита и да бидат интегрирани на пазарот на труд, посебно што неговата земја Италија чувствува огромен притисок од мигрантите и азилантите од Африка кои доаѓаат преку Медитеранот и се претежно економски мигранти. Затоа Европската Унија и Италија како дел од неа работи на нов наратив за мигрантската политика.

-Мигрантите и азилантите остануваат приоритет на Унијата и европските земји мора да бидат способни за отстапки и компромиси како и баланс меѓу солидарноста и одговорноста. Финансиската, политичката и техничката поддршка која ја пружа ЕУ за нив не смее да биде лимитирана, нагласи шпанскиот амбасадарот во земјава Хозе Луис Лозано Гарсија чија земја од 1 јули претседава со ЕУ.

Во државава според него на располагање се средства од ИПА 2 програмата на ЕУ и досега се дадени околу 200 милиони евра помош за справување со напливот на мигранти.

Она што останува како предизвик за македонското законодавство и институциите се и дигитализацијата во управувањето со миграцијата и азилот, системска гранична контрола и спроведување на процедурите за проверка и регистрација на сите катерии на мигранти, создавање на услови за имплементација на новата миграциска политика на ЕУ која се очекува да биде усвоена во 2024 година, политиките на реадмисија, усогласување на визната политика со онаа на ЕУ, ефикасно управување со економската имиграција, спречување на илегалната миграција како и обезбедување на родово-специфични услоги за мигрантите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот