Естонија ќе игра со Македонија во мечкино дувло, вели селекторот Јука Тојала

EPA-EFE/WOJTEK JARGILO

Естонскиот селектор провокативно ја најави средбата со Македонија од првото коло од Квалификациите за Евробаскетот 2025. Салата СРЦ „Кале“ во Скопје, каде што ќе се игра мечот в петок, тој ја спореди со мечкино дувло велејќи дека таму е тешко да се игра

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Естонија Јука Тојала ја спореди салата СРЦ „Кале“ каде што неговиот тим в петок ќе игра со Македонија, со мечкино дувло.

Тојала дал изјава на почетокот на подготовките на Естонија за стартот на квалификациите за ЕП 2025. Првиот меч помеѓу Македонија и Естонија се игра в петок во СРЦ „Кале“ и за обата противника е од исклучително значење затоа што лесно може да се случи резултатот да биде клучен за тоа која од овие две репрезнетации ќе оди на ЕП 2025. Еве дел од изјавата на Тојала за тој меч:

– Мораме да бидеме поинтензивни и поенергични од нашиот противник. Мислам дека имаме формација во која имаме доволно сила да победиме, но тоа треба да го докажеме на теренот. Секогаш е тешко да се игра на гости, особено во такво мечкино дувло во кое тие играат – вели Тојала за претстојниот меч со Македонија.

И квалификациите за претходното ЕП за овие две селекции почнаа во Скопје пред четири години („Борис Трајковски“). Тогаш Естонија победи со 81-72, резултат што подоцна низ квалификациите се покажа кобен за нас во обидот да се пласираме на Евробаскетот. Но за Естонците беше среќен и тие сакаат историјата да се повтори в петок.

– Пред четири години се започна на ист начин… Имаме чувство на „дежа ви“. Нов и интересен квалификациски циклус треба да започне и ние ќе постигнеме ист резултат… – вели финскиот стручњак Тојала.

Според него целта на естонскиот тим е да испише историја, односно да се пласира двапати во низа на ЕП, што досега од добивањето на независност оваа земја не го постигнала.

Македонија и Естонија ги започнуваат квалификациите в петок во СРЦ „Кале“ (19 ч), а натпреварите во квалификациската Група Х започнуваат в четврток со мечот Литванија – Полска. Во февруарскиот „прозорец“ ќе играме уште со Полска на гости в понеделник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот