Есента создаде „ѓубре“, скопските улици и тротоари послани со паднати лисја

Unsplash
Есен / Фото: Архива на Слободен печат, Unsplash

Иако огромната лисна маса ја чистат и екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ и екипи на „ЈП „Комунална хигиена“, но и сезонските работници во општините, сепак во одредени делови од градот паднатите лисја стојат со денови.

Скопје е покриено со лисја што деноноќно паѓаат од дрвјата. Сликата на „позлатен“ град во есен и не би била невообичаена, доколку паднатите лисја на одредени локации во градот не остануваат по патеките, тротоарите, парковите, но и на игралиштата со денови, наместо секојдневно да се собираат од надлежните.

Дополнително, и граѓаните малку учествуваат во расчистувањето на јавните површини во градот. Дворовите се уредени и изметени, но доколку ветрот паднатите лисја ги разнесол на улица, ретко кој излегува од сопствениот двор да подзачисти. Идентична е сликата и на местата каде што има дуќанџии, на кои паднатите лисја со секој посилен ветер им влегуваат во продавниците, а сепак ретко некој си „заметува“ пред врата, туку чекаат комуналците да го направат тоа.

Па, така, иако огромната лисна маса ја чистат и екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ и екипи на „ЈП „Комунална хигиена“, но и сезонските работници во општините, сепак во одредени делови од градот паднатите лисја стојат со денови.

Граѓаните реагираат и поради тоа што лисјата се собираат во купови и се оставаат така да стојат, па со секој ветар повторно се разнесуваат по улиците.

Ваквата состојба се провлекува со години, со оглед на фактот што овој период од годината, од илјадниците дрвја засадени насекаде низ Скопје 24 часа паѓа огромно количество лисја, за чие собирање потребно е ангажирање голем број работници. Токму поради неможноста тие комплетно да се исчистат од јавните површини во градот, многу често се причина за затнување и на атмосферската канализација во градот, па екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ постојано работат на терен за нивно одзатнување и чистење.

Дополнителен проблем овој период од годината се појавува кога има врнежи од дожд, па лисјата по тротоарите стануваат лизгава подлога за пешаците, велосипедистите, но и за возачите на електрични тротинети.

Од ЈП „Комунална хигиена“ тврдат дека во овој период од годината нивните екипи постојано се на терен и работат на расчистување на лисјата како рачно така и машински.

– ЈП „Комунална хигиена“ секоја година сезонски се соочува со појавата на паднати лисја врз сообраќајните и јавните површини. Екипите што се задолжени за одржувањето на јавната хигиена, рачно и со употреба на специјални комунални машини секојдневно ги отстрануваат паднатите лисја од сообраќајните и јавните површини коишто се во надлежност на претпријатието – велат од ова јавно претпријатие.

Оттаму објаснуваат дека доколку, пак, станува збор за приватен имот, расчистувањето на лисјата е обврска на сопствениците и прекршувањето на Законот за јавна чистота се санкционира од страна на надлежните органи.

Проблем што се јавува во овој период од годината е и што граѓаните ги палат веќе насобраните лисја.

– Палењето на органскиот отпад значително придонесува за загадување на амбиенталниот воздух и во таа насока ЈП „Комунална хигиена“ на граѓаните кои живеат во индивидуални домаќинства им ја нуди можноста својот органски (градинарски) отпад да го одложат до кантите наменети за исфрлање комунален отпад, со апел да биде соодветно и уредно спакуван. Вака одложениот отпад ќе биде навремено подигнат и транспортиран од екипите на претпријатието – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

И од ЈП „Паркови и зеленило“ објаснуваат дека нивните екипи како редовна активност во овој период од годината спроведуваат чистење и собирање на паднатите лисја од јавните зелени површини.

– Ова е секојдневна активност на нашите екипи на територијата на целиот град. Лисјата во овој период паѓаат непрекинато 24 часа и секако се случува откако ќе го собереме, утовариме и изнесеме, повторно да се насоберат. Некои видови листопадни дрвја лисјата ги исфрлаат сè до април така што во есенскиот период, кога постојано паѓаат лисјата, не може да очекуваме зелените површини да бидат без понекои паднати лисја – објаснуваат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот