ВИДЕО | Емилија Спасовска Мојсовска: И неискажаните чувства ѝ прават проблем на тироидната жлезда

Емилија Спасовска Мојсовска - нутриционистка / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Нутриционистката Емилија Спасовска Мојсовска, наша редовна соработничка во „Утрински печат“ зборуваше за дисфункција на тироидната жлезда и како да ја подобриме состојбата на организмот кога се бориме со хормонални нарушувања предизвикани од оваа ендокрина жлезда.

„Тироидната жлезда е жлезда со внатрешно лачење, со ендокрина функција, чијашто главна улога е да го координира нашиот целокупен организам. Таа влијае во разградувањето на мастите, холестеролот, триглицеридите, влијае на сонот, терморегулацијата и на квалитетот на животот. Она што може да ја наруши работата на тироидната жлезда можат да бидат хемиските агенси, односно пестицидите, одредени лекови, како и надворешните влијанија, стресот, неискажаните чувства, но и генетиката. Тироидната жлезда ја контролираме кај ендокринолог, со крвна анализа на хормоните, но јас на моите клиенти им препорачувам да го проверат и нивото на витаминот Д и Б12 и целокупна крвна слика, со проверка на седимантација, холестерол, триглицериди, железото итн. Кога имаме функционално пореметување на тироидната жлезда, тоа може да биде хипотироидеа и хипертироидеа“, вели Емилија за значењето и функцијата на тироидната жлезда.

Честа дилема помеѓу пациентите кои имаат проблеми со тироидната жлезда е тоа дали да почнат терапија или да се обидат да се лекуваат со режим на исхрана. Емилија вели дека секогаш и пред сѐ, мора да се консултира ендокринолог, лекар кој ја контролира и следи работата на оваа жлезда.

„Кога веќе се појавуваат симптомите и тегобите, односно веќе настанало нарушувањето, треба да се обратите кај ендокринолог, кој проценува кога нарушувањето може да се третира само со исхрана, а кога е задолжително да се вклучи соодветна терапија. За ова не може да одлучи ниту самиот клиент, ниту пак јас како нутриционист. Навремено откривање, почетнички симптоми или мали отстапувања од референтните вредности може да помине со соодветен режим на исхрана. Кога е веќе дадена терапија, тогаш секако ќе помогне режимот на исхрана, но не смее да се престане со терапијата“, вели Емилија.

Во однос на советите за начинот на исхрана кога се јавува некакво нарушување на функцијата на тироидната жлезда, сѐ зависи од тоа дали се работи за хипотироидеа или хипертироидеа. Тоа се две различни состојби на организмот кои се третираат на различен начин, со различни совети за исхраната.

„Храната има огромно влијание врз функцијата на тироидната жлезда. Во состојба на хипотироидеа потребно е малку да го забрзаме метаболизмот, поради неговата успорена функција, што резултира со качување на килограмите, односно телесната тежина. Многу е важно внесување храна која ќе го прочисти дебелото црево, на тој начин ќе ја забрзаме перисталтиката на цревата. Житарките се многу пожелни за ова, како и растителните влакна, потоа храна богата со Б и Д витамини, селен, цинк и јод. Потоа треба да внесуваме омега 3 и 6 масни киселини, риба, месо и печурки. Постојат научни истражувања кои докажуваат дека елиминирање на храна која содржи глутен, видно ја подобрува состојбата на пациентот, така што пожелно е да се исклучи глутенот. Внесот на водата е исто така многу важен фактор за функцијата на тироидната жлезда и сите биохемиски процеси што се случуваат во организмот. Обратно од хипотироидеа, е хипертироидеата, состојба во која сѐ се случува забрзано. Забрзано чукање на срцето, почесто одење во тоалет или чести дијареи, несоница, прекумерно потење итн. Во оваа состојба се троши минаралната густина на коските, затоа е потребно во текот на денот да се внесува и калциум, како што е млекото и млечните производи, што ќе ги задоволи потребите на селенот и цинкот. Тука треба да се стави акцентот на зголемен внес на калории, но балансот на исхрана кој ќе го даде нутриционистот мора да биде соодветен за самата состојба на организмот“, советува Емилија.

Повеќе од разговорот со Емилија Спасовска Мојсовска можете да погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот