Експериментална таблета за контрацепција за мажи ги „исклучува“ сперматозоидите на еден ден

Фото: Pixabay

Ако за жените има таблета за „ден потоа“, дали е можно мажите да добијат нешто слично, како таблети за „час претходно“? Се чини дека такво нешто би можело да биде возможно. Новиот третман ги направил машките глувци неплодни во рок од еден час, со тоа што повторно станале плодни за помалку од еден ден.

Потенцијалниот лек, кој сè уште не е тестиран на луѓе, би можело да излезе на пазарот за неколку години ако се покаже како ефикасен и кај луѓето и дека нема опасни нуспојави. Иако во последно време се истражуваат сѐ број машки контрацептивни таблети или контрацептивни средства, во моментов на мажите им се достапни само две опции за спречување на оплодувањето: кондоми и вазектомија.

Претходните кандидати за вакви таблети наидоа на две главни пречки. Скалата на нуспојави била многу поголема кај мажите бидејќи тие не ризикуваат бременост, а фармацевтската индустрија не покажала преголем интерес.

„Во моментов, целиот товар на контрацепција е на жените. Сакаме нови опции“, рекла за АФП фармацевтката Мелани Балбах од факултетот за медицина Веил Корнел во САД.

Научниците при развојот на овој експериментален лек, го таргетирале ензимот растворлив аденилат-циклаза, кој делува како еден вид прекинувач за сперматозоидите. Ако ензимот се исклучи, сперматозоидите повеќе не можат да се движат. Во текот на тестирањето е утврдено дека соединението што го блокира ензимот ја „парализира“ спермата во рок од 30 минути до еден час по примената.

Соединението било 100 отсто ефикасно во спречување на оплодување во првите 2 часа и 91 отсто во првите 3 часа. По 24-часовен период, сперматозоидите на глувците повторно почнале да се движат нормално. Затоа, научниците се надеваат дека во иднина, врз основа на ова соединение, би можеле да произведат нехормонална пилула која почнува да делува во рок од еден час, а штити од можно оплодување од 6 до 12 часа.
Тие велат дека овој концепт е многу различен од другите потенцијални контрацептивни методи за мажи (како што е хормоналниот гел што во моментот се тестира на луѓе), на кои им требаат недели или месеци за да почнат и да престанат да делуваат.

Во текот на експериментот не биле забележани никакви нуспојави кај глувците. Претходните истражувања покажаа дека неплодните мажи на кои трајно им бил исклучен ензимот на растворлив аденилат-циклаза имале зголемена стапка на камења во бубрезите.

Но, експертите кои работат на развојот на овој лек велат дека тоа најверојатно се должи на тоа што нивниот ензим бил трајно неактивен – што не би било случај за мажите кои би ја земале таблетата „час претходно“.

Експертите се надеваат дека првите испитувања на луѓе ќе започнат во рок од три години, а финалниот производ би можел да биде лансиран на пазарот за осум години.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот