Еко-катастрофа: Инвеститорот не сака сведоци на убиството на Маркова Река

Градежни активности кај Маркова река. Фото: „Еко-свест“

Случајно или не, токму дента кога ја најавивме нашата посета, на теренот имало минирање и патот нагоре беше блокиран со голем камион-мешалка за бетон. Не ни беше дозволено ниту да продолжиме пеш, со образложение дека тоа е за наша безбедност

Маркова Река, која поминува покрај излетиштето Марков Манастир и покрај населбите Драчево и Долно Лисиче, некогаш место за капење и за риболов, позната по речните пастрмки и ракчиња, во долниот тек е во очајна состојба, сведена на поточе.

Во ова се увери екипата на „Слободен печат“, која го посети местото откако здружението „Еко-свест“ објави фотографии од кои се гледаат последиците од градежните зафати за изградба на три мали хидроцентрали на Маркова Река, од инвеститорот „Индиго хидро“ ДОО од Скопје. Шокантните фотографии покажуваа места на комплетно затрупано речно корито, уништен природен тек на реката, мртви ракчиња и останат жив свет во реката. Сепак, екипата на „Слободен печат“ беше спречена да ги види местата каде што се вршат градежните работи во горниот тек на реката.

За нашите најави беа известени и надлежните на „Индиго хидро“, кои најпрвин сугерираа посетата да ја направиме во петок, но откако инсистиравме тоа да го направиме ден порано, прифатија да нѐ придружуваат.

Река „нападната“ од три бетонски зданија

Маркова Река е притока на Вардар, чијашто вкупна должина изнесува околу 30 километри. Од нив повеќе од седум километри наскоро ќе течат во цевки наместо во своето вековно корито. Во 2014 година Владата му додели три концесии на „Индиго хидро“ за изградба на три мали хидроцентрали, чијашто вкупна моќност е помала од два мегавати, а цевководите ќе ја спроведуваат водата од реката до турбините за производство на струја.

Се уверивме дека Маркова Река во долното течение сега е во очајна состојба. Коритото на реката во близина на машинската сала на најдолната хидроцентрала беше изместено, преполно со камења и отпаден материјал од зафатот на поставувањето цевки, што заедно со минималниот доток на вода создава езерца и барички на застоена вода. Нашиот обид да стасаме до горните две хидроцентрали, каде што екологистите на „Еко-свест“ минатата недела ја сликаа еколошката катастрофа на затрупано речно корито и умрен жив свет, беше неуспешен.

Случајно или не, токму дента кога ја најавивме нашата посета, на теренот имало минирање и патот нагоре беше блокиран со голем камион-мешалка за бетон. Не ни беше дозволено ниту да продолжиме пеш, со образложение дека тоа е заради наша безбедност.

Фотографиите на „Еко-свест“ се автентични

Од сликите направени од еколошките здруженија, меѓутоа, како и од разговорот со претставниците на „Индиго хидро“, можевме да дознаеме дека теренот и почвата што се ископува не се составени од цврсти карпи, туку досега патот се пробивал речиси исклучиво со градежни машини. Зошто токму на денот на нашата посета морало да има минирање, не добивме одговор.

Иако од „Индиго хидро“ ни беше кажано дека сликите што ги објави „Еко-свест“ се направени долу, кај машинската сала на најдолната хидроцентрала, која самите ја посетивме, од еколошкото здружение ни беше потврдено дека најкатастрофалните глетки што тие ги сликале биле токму на потегот што нам ни беше забранет за движење.

– Секоја направена слика има координати и може лесно да се провери каде и кога е направена – вели Ѓорѓи Митревски од „Еко-свест“.

Го прашавме инвеститорот каква е економската оправданост на овој проект со оглед на лошата хидролошка состојба на Маркова Река.

– Хидролошката состојба се менува во циклуси од околу 25 години и ние сме свесни дека концесијата, која вообичаено трае 20 години, ќе опфати и посушни и попогодни климатски периоди. Очекуваме дека нема да можеме да произведуваме струја и по неколку месеци во годината, но тие неколку месеци кога реката надоаѓа, ја прават сета инвестиција и сите трошоци исплатливи – одговори претставник на „Индиго хидро“.

Мала инвестиција, големи субвенции

Како што е познато, производството на електрична енергија од мали хидроцентрали се смета за користење обновливи извори на енергија, заедно со фотоволтаичните и централите на ветер и биогас, но за разлика од другите, хидроцентралите имаат далеку повисока повластена тарифа по што државата им ја откупува произведената струја.

Градежни активности кај Маркова река. Фото: „Еко-свест“

Поради ова, ваквите објекти се најисплатливи за инвеститорите. Толку исплатливи што во вкупните трошоци за целиот инвестициски зафат на трите хидроцентрали, тие без проблем ги пресметале и изградбата на десетина километри долгиот пат до највисокиот зафат на Маркова Река, а великодушно се нафатиле и да го реновираат селското училиште во селото Малково, да донираат пари за поправка на објекти во Батинци и да ги подарат сите исечени дрва на целиот потег на социјално загрозени семејства во општината.

Концесијата била доделена уште во 2014 година, но трите објекта сè уште не се довршени, а Владата без никаков проблем веќе трипати им го продолжува рокот на важноста на договорот.

Смртта на италијанскиот управител фрли сенка на проектот

Сопственици на хидроцентралите се Италијанци, но од неодамна главниот удел го откупиле Австријци, физички лица и инвестициски фондови.

– Вкупната инвестиција изнесува 4,3 милиони евра, од кои дел се земени како кредит во износ од 2,5 милиони евра од Шпаркасе банка – вели Билјана Давидовска, управителка на „Индиго хидро“.

Голема сенка на овој бизнис-проект фрли смртта на претходниот управител на „Индиго хидро“, инаку Италијанец, кој во јануари годинава беше пронајден мртов  во планината, над хидроцентралите. Претставниците на инвеститорот категорично отфрлаат каква било врска на овој трагичен настан со работењето на фирмата и градењето на хидроцентралите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот