ЕК: Ако автобусот на „Беса транс“ немал лиценца, преминувањето граници можеби било нелегално

Запалениот македонски автобус во Бугарија
Запалениот македонски автобус во Бугарија / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Според правилата на Европската унија, доколку автобусот на „Беса транс“ кој имаше несреќа во Бугарија во која загинаа 45 македонски патници, немал валидна лиценца за превезување патници, тој не би смеел да премине граница на Европската Унија, во случајов Бугарија.

Законодавството на ЕУ предвидува низа правила за лиценци и дозволи за превоз и од оваа институција, според информациите што ги доби МИА, не е исклучено тие да биле прекршени, но Европската Комисија не се меша во истрагата.

Одговорноста за надзор и проверка на документацијата и спроведувањето на законите на ЕУ е во рацете на земјите членки на Унијата.

Доколку се утврди во истрага дека превозникот патувал со нелегална или фалсификувана лиценца, може да се очекува Европската Комисија да осуди ваква пракса која не само што е закана за „слободната конкурентност во ЕУ“, туку претставува загрозување на животите на патниците.

Пред неколку дена македонските власти соопштија дека кобниот автобус го нема во базата на податоци на Министерството за транспорт и врски и не е пријавено. Царината порача дека се истражува кој го пропуштил возилото без валидна дозвола.

Според правилата на ЕУ, лиценца не би смеело автобусот да добил од Бугарија, бидејќи европското законодавство не дозволува издавање на лиценци на оператори чии возила се регистрирани надвор од земјите членки на ЕУ.

ЕУ, Турција и Северна Македонија се исто така потписници на мултилатералниот „Интербус Договор”, но согласно текстот на овој договор не предвидува да дозволи никаква трговија со лиценци, објаснуваат експерти од Европската Комисија за МИА.

Бугарија не смее да дава ЕУ лиценца на оператори од трети земји, а со тоа ниту да издава свои дозволи за патувања во рамките на Интербус на возила регистрирани во трети земји, односно вон ЕУ.

Што се однесува до веста дека Беса Транс имала седиште во Ќустендил заедно со 23 други македонски компании на адреса во која живее постара жена, како што јавија бугарските медиуми на денот на несреќата, тука правилата на ЕУ се тие на Пакетот за мобилност 1.

Според оваа законска рамка Европската Комисија може да побара од земја членка на ЕУ да спроведе индивидуални контроли за да провери дали претпријатието ги исполнува условите за дозвола за етаблирање на патни превозници, вклучително тука и условот кој предвидува „стабилно и ефективно етаблирање” на одредена адреса. Односно да се утврди дали навистина компанијата е етаблирана на таа адреса.

Вакви нелегални пракси не се невидени во ЕУ, поради што Европската Унија го усвои токму тој Пакет за мобилност, чии нови правила ќе стапат во сила од почетокот на 2022. Овие нови правила предвидуваат зајакнување на одредбите за „стабилно етаблирање” и ги зајакнуваат критериумите.

Извор: МИА

По трагедијата на автопатот Струма, бугарското обвинителство ги проверува сите патишта во земјата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот