Фонд за здравство - табла / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ДЗР: Фондот за здравство без стратегија, со слаб ИТ систем и хаос во постапките за лекување во странство

Слабости  во функционирањето на ИТ системот,  недостиг на ИТ кадар, слабости и неправилности во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица, нефункционирањето на системот еРецепт се само дел од недостатоците кои ги утврдија ревизорите во работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2023 година.

Според наодите од ревизијата, контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи не се соодветно воспоставени или спроведени, поради што не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги. Непостоењето на единствен интегриран систем за издавање упати, лекарски извештаи и пресметки за извршени здравствени услуги, кои се основа за изготвување на месечни фактури/извештаи создава ризик од пропусти и грешки.

Ревизорите утврдија слабости и во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради, како што велат, отсуство на ИТ стратегија, недостиг на ИТ кадар, застарена серверска структура и недоволна безбедност на ИТ системот, состојби коишто резултирале со сајбер напад во февруари 2023 година што довело до нарушено функционирање на целиот здравствен систем во државата.

„По настанатиот сајбер напад реализирани се договори за изнајмување на приватен облак за податочниот центар во Фондот, како и за услуги за системска и мрежна инфраструктура и систем за сајбер безбедност“, се вели во извештајот на ДЗР.

Ревизорите утврдиле слабости и неправилности во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица.

„Не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, за што од страна на Фондот по овој основ се исплатени средства во износ од 311.237 илјади денари, односно околу 5 милиони евра. За побарувањата за дадени аванси за лекување во странство кои заклучно со 2023 година изнесуваат 300.292 илјади денари (околу 4,8 милиони евра) не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници и навремено затворање на дадените аванси, што доведува до континуиран пораст на истите“, се вели во извештајот.

Според државните ревизори слаба страна на работењето на Фондот за здравство е и неажурираната листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот а истата не е ажурирана од 2014 година согласно новата Методологија.

Од вкупно 12 препораки што биле дадени при претходната ревизија, дел останале неспроведени. Заводот за ревизија сега повторно бара итни чекори – од ажурирање на ИТ стратегијата и пополнување на празните раководни позиции, до воспоставување комплетна контрола врз финансиските и имотните процеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот