Дванаесет стихозбирки влегоа во поширок избор за наградата „Антево перо“

Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, како организатор на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, ги објави резултатите од првиот круг на гласање на Конкурсот за шестото доделување на наградата „Антево перо“ за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик.

Оваа година, на Конкурсот пристигнаа 73 поетски збирки кои имаат најразличен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост, од автори од Северна Македонија, Италија и Австралија.

Комисијата во состав проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), во изминатиот период во неколку наврати сукцесивно и темелно ги разгледуваше и анализираше пристигнатите збирки.

На својот прв состанок по завршувањето на Конкурсот, по плодната дискусија, комисијата издвои 12 поетски збирки кои се во поширок избор за наградата „Антево перо“ и тоа: Шифра: Magna Mater – „(Ре)инкарнација“, Александар Русјаков – „50 испеани приказни“, Ирена Павлова де Одорико – „Царски рез“, Елизабета Дончевска Лушин – „(не)ПРИПИТОМЕНА“, Коста Бојчески – „До дното“, Љубинка Донева – „Монолог на пирејот“, Милена Сиљаноска – „Болопадание“, Кирил Ангелов – „сновиденија“, Александра Спасеска – „Координати на болката“, Стела (Маја) Босилковска – „Невидлива е војната“, Томе Липовски – „А што да речам“ и Ѓорги Калајџиев – „Петна“. Редоследот на номинираните нема вредносно значење.

Како и минатите години и оваа година комисијата со особено задоволство одвои простор и за младите автори, коишто зедоа учество на Конкурсот што го распишува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“.

Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, комисијата издвои пет збирки поезија и тоа: Матеја Талеска – „Улица на соништата“, Ана Ѓорчевска – „Копнеж по тебе“, Емануела Ковачевска Китановска – „Второ детство“, Светла Јакшиќ – „Ноќен суфлер“ и Александра Атанасова – „Душебол“. И во овој случај, редоследот на номинираните нема вредносно значење, известија од Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот