Држава со посебни потреби

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Концептот едно општество за сите, што толку гласно го промовираше СДСМ кога дојде на власт, брзо згасна. Политичарите пред избори ветуваат брда и долини, а кога ќе дојдат на власт мислат само на својата удобност. Како му е на обичниот народ, никој не се прашува. Како им е на луѓето што се грижат за деца со посебни потреби, уште помалку.

Родителите на деца со посебни потреби одржаа протестен марш од Владата до Собранието со главно барање – да се покачи месечниот посебен додаток до ниво на минимална плата и да изнесува 18.000 денари, наместо сегашните 5.200 денари. Родителите бараат да се зголемат и додатоците за туѓа нега и за мобилност. И, додека родителите маршираа рака под рака со своите деца, никој од пратениците од власта или од министрите не се охрабри да излезе и да ги слушне. Власта како и секогаш остана глува на нивните барања.

Шокираше изјавата на една мајка дека министерката за труд и социјала им рекла дека со една плата од 20.000 денари и со додатокот од 5.000 денари можело да се живее еден месец. Повелете да се смениме, да живеете со една плата и со болно дете, да видите како ни е нам, ѝ порача оваа мајка на министерката.

Да, министерке, повелете и сменете се со овие родители барем еден месец. Видете низ какви голготи поминуваат во оваа наша држава во која секој е глув и слеп за нивните барања. Излезете од својот комфор и барем еден ден обидете се да се ставите во кожата на овие луѓе кои немаат никаква помош. Обидете се, не само вие, туку и пратениците што се луксузираат со патните трошоци и со новите мобилни телефони да живеете барем еден месец со 25.000 денари. И тоа во време кога владее голема економска криза, кога цените во продавниците вртоглаво растат, а од сметките за струја секој месец ни се покачува крвниот притисок на сите. Па удрете едена пресметка и кажете како се живее со 25.000 денари месечно. Дајте им совет на овие родители.

Ај што примаат беден месечен додаток, дури и од тој им се крати поради неажурноста на вработените во Центрите за социјална грижа. Овој додаток секоја година се зголемува за 100 денари. Годинава додатокот изнесува 5.360 денари, но замислете, бидејќи некои мрзливи во центрите за социјална грижа не изготвиле нови решенија, голем број од родителите на деца со посебни потреби сè уште примаат додаток од 5.100 денари или 5.200 денари, како што било пред една или две години. И никој не ги контролира вработените во овие центри што прават и како ја вршат својата работа.

Што стана со изработката на Централниот регистар за лица со посебни потреби? Или на него ви текнува само кога се избори, кога треба да се ловат гласови и кога е Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби? Што стана со дневните центри за лицата со аутизам и со бесплатните третмани што СДСМ ги ветуваше уште во 2014 година? Што стана со формирањето национален центар за рана дијагностика и третман на лицата со аутизам. Каде се функционалните центри за лица со попреченост што требаше да ги има во секоја општина? Каде се бесплатната здравствена заштита, бесплатните логопедски и дефектолошки третмани во домашни услови за сите лица со аутизам?

Одговор на овие прашања нема. И нема ни да има. Концептот едно општество за сите, што толку гласно го промовираше СДСМ кога дојде на власт, брзо згасна. Македонскиот менталитет со години е ист. Политичарите пред избори ветуваат брда и долини, а кога ќе дојдат на власт мислат само на својата удобност. Како му е на обичниот народ, никој не се прашува. Како им е на луѓето кои се грижат за деца со посебни потреби, уште помалку некој се секира. Тие се целосно оставени сами на себе. Оваа наша држава дефинитивно има посебна потреба. Да се рестартира целосно, политичарите да почнат да мислат на оние што ги избрале и им овозможиле удобно да се сместат во своите фотелји, да ги тргнат розовите очила и да се симнат меѓу обичниот народ. Бидејќи, ако народот не ви е среќен, што се покажува секоја година, џабе се удирате во гради дека водите држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот