
Дрогата и Јоко Оно го оддалечиле од бендот: Поради неа често го кршел златното правило на „Битлси“
Џон Ленон е еден од најголемите музичари на сите времиња. Како коосновач и гитарист на легендарните „Битлси“, тој важи за еден од највлијателните автори на песни во историјата на музиката. Денес, Џон Ленон би го прославил својот 85. роденден.
Препорачано
Џон Винстон Ленон е роден во Ливерпул, каде што пораснал со својата мајка, откако татко му ги напуштил. Речиси дваесет години не разговарал со него, а иако во јавноста често излегувале бројни информации за неговото семејство, малку од нив биле целосно точни.
Музиката отсекогаш го привлекувала, а во 1956 година од мајка му ја добил својата прва гитара. Често ѝ велел дека еден ден ќе стане славен, но таа му одговарала со неверување, мислејќи дека не може да живее само од музика. Судбината, сепак, го покажала спротивното. Во јули 1958 година, неговата мајка Џулија Ленон трагично загинала во сообраќајна несреќа – настан што длабоко го погодил и подоцна послужил како инспирација за многу од неговите песни.
Првиот бенд го основал на 15-годишна возраст и се викал „Куармен“. На вториот настап на бендот го запознал Пол Мекартни, а двајцата тогаш не ни претпоставувале дека ќе станат едни од најуспешните автори во историјата на музиката. Ленон му понудил на Мекартни да се приклучи на групата, а Пол предложил неговиот пријател Џорџ Харисон да стане главен гитарист. Така, заедно со Стјуарт Сатклиф, во 1960 година го оформирале бендот „Битлси“.
По настапите во локални барови, групата добила можност да свири низ Европа. По концертот во Хамбург, Мекартни го презел басот, а на местото на првиот тапанар им се приклучил Ринго Стар. Така се родиле легендарните „Битлси“.
Нивниот прв сингл „Love Me Do“ излегол во 1962 година, а дебитантскиот албум „Please Please Me“ го снимиле за помалку од 10 часа. Според сведоштвото на Мекартни, сите членови на бендот го обожувале Ленон:
„Џон беше нашиот Елвис. Сите се огледувавме на него. Беше најстар, најпаметен и вистински лидер“, изјавил Мекартни во интервју во 1987 година.
Со почетокот на 1963 година започнала и нивната светска слава. Девојките врескале на секој нивни настап, а медиумите не престанувале да пишуваат за нив. Ленон често се жалел дека вревата од публиката е толку силна што фановите не можат ни да ја слушнат музиката. Таа фрустрација ја преточил во песната „Help!“, која, како што самиот признал, е своевиден повик за помош.
Во тој период Ленон започнал да експериментира со различни дроги од таблети до ЛСД. Во 1967 година ја објавил легендарната песна „Strawberry Fields Forever“ и албумот „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“, кој се смета за ремек-дело на рок музиката. Неговиот стил на пишување станал подлабок, но и односите во бендот почнале да се менуваат.
По објавувањето на „All You Need Is Love“, Битлсите отпатувале во Индија, каде што настанале многу од песните на нивниот „бел албум“. По враќањето во Лондон ја основале компанијата „Епл Кропс“, но тогаш кавгите меѓу членовите станале сè почести.
Во тој период Ленон ја запознал Јоко Оно и инсистирал таа постојано да биде со него дури и во студио за време на снимањето. Тоа било спротивно на златното правило на Битлсите: „Жени и деца не се носат во студио“. Неговите колеги не биле среќни со тоа, а Ленон сè повеќе се оддалечувал од групата. До крајот на 1968 година, зависноста од дрога и новиот животен правец го направиле сè понесигурен член на бендот.
На 20 септември 1969 година, Џон Ленон официјално го напуштил бендот, но поради договорни обврски, тоа не го објавил веднаш во јавноста.
„Јас го започнав бендот, јас го и распуштив. Едноставно“, изјавил Ленон.
Година подоцна го издал својот прв соло-албум „John Lennon/Plastic Ono Band“, а во 1971 година го следел легендарниот „Imagine“, чии пораки за мир и еднаквост сè уште одекнуваат ширум светот.
Во раните 70-ти Ленон и Јоко Оно се преселиле во САД, каде што често биле под притисок на администрацијата на Никсон, која се обидувала да ги депортира поради нивниот политички активизам. Двајцата отворено ги поддржувале левичарските движења и учествувале во бројни антивоени протести.
Во 1973 година се разделиле, а Ленон заминал во Лос Анџелес, каде што соработувал со Дејвид Боуви и Елтон Џон, и имал врска со Меј Панг. Подоцна повторно се помирил со Јоко, која на неговиот 35. роденден му го родила синот Шон.
По кратка пауза од музиката, Ленон се вратил во 1980 година со албумот „Double Fantasy“. За жал, само неколку недели по неговото објавување, Марк Дејвид Чепмен го застрелал Ленон пред влезот на неговата зграда во Њујорк. Починал на 8 декември 1980 година во болницата „Рузвелт“.
По неговата смрт, Ленон постхумно доби бројни признанија, меѓу кои и Греми, а беше вклучен и во„ Rock and Roll Hall of Fame“. Денес, музичките списанија и критичари сè уште го вбројуваат меѓу топ 5 најголеми музичари на сите времиња.