Драмата во Колумбија продолжува: Одложено ослободувањето на таткото на Луис Дијаз

Фудбалерот на Ливерпул, Луис Дијаз/фото: EPA-EFE/PETER POWELL

Ослободувањето на Луис Мануел Дијаз, таткото на англискиот фудбалер на Ливерпул Луис Дијаз, кој е заробен од Националната ослободителна армија на Колумбија ЕЛН, ќе биде одложено додека продолжуваат воените операции во регионот, соопштија денеска бунтовниците, пренесува „Гардијан“.

Мајката на Дијаз, Киленис Маруланда и таткото, Луис Мануел Дијаз, беа киднапирани додека возеле автомобил во колумбиската провинција Ла Гуахира на 28 октомври. Маруланда беше ослободена неколку часа подоцна.

фото: EPA-EFE/RICARDO MALDONADO ROZO

Причината за киднапирањето не е позната, но безбедносни извори велат дека ЕЛН ги финансира своите операции преку киднапирање, изнуда и шверц на дрога.

ЕЛН објави дека таткото на славниот фудбалер ќе биде ослободен што е можно поскоро, но присуството на колумбиските безбедносни сили го отежнува неговото ослободување.

– Целиот регион е исполнет со војска, хеликоптерски прелетувања, војници, рекламирање преку мегафони, се нудат награди и се вршат претреси. Под овие услови Луис Мануел Дијаз нема да биде ослободен – се вели во соопштението на ЕЛН.

Колумбиските власти минатата недела објавија дека ЕЛН е одговорна за киднапирањето на таткото на фудбалерот.

Аналитичарите велат дека инцидентот може да ги загрози мировните разговори меѓу ЕЛН и властите кои се обновени со надеж дека ќе се стави крај на улогата на групата во 60-годишниот конфликт во кој загинаа најмалку 450.000 луѓе. Како дел од разговорите, владата и ЕЛН започнаа шестмесечен прекин на огнот во август.

фото: EPA-EFE/RICARDO MALDONADO ROZO

На снимката од надзорните камери што ги објавија локалните медиуми, се гледа како напаѓачите на мотоцикли го следат автомобилот на парот до бензинската пумпа, каде што ги киднапирале. Баранкас се наоѓа во провинцијата Ла Гуахира во северна Колумбија, каде што се активни неколку герилски групи и вооружени банди.

Полицијата и војската ја насочија својата потрага на планините Периха, каде што се протега густа шума до границата меѓу Колумбија и Венецуела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот