Доста е со (зло)употребата на правото при наплата на долговите

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Во 2020 година имало 99 извршители и тие наплатиле 123 милиони евра долгови. За себе, во текот на годината си наплатиле 6,8 милиони евра, а во тој износ наградата за извршување била 3,3 милиони евра.

Откако во 2005 година се воведе новиот систем на извршување преку извршители, во Македонија се „родија“ такви судбини, што според тврдењата на граѓаните што редовно доаѓаа на протести, некои дури и завршиле со фатален крај. Едноставно, стиснати во ќоше, оставени без егзистенција, некои граѓани ниту психички ниту физички можеле да ги издржат воскреснатите долгови од пред повеќе децении со огромни камати и огромни награди за нотари и извршители. Трагедијата е што таквата хајка против должниците не завршува.

Деновиве Народниот правобранител повторно го актуализира прашањето за извршување на предметите. Во извештајот пишува дека лани стигнале 149 претставки, преклани 195 претставки… Народниот правобранител констатира дека „сегашните законски одредби доведуваат до апсурдни ситуации, во кои каматата што ја плаќа должникот, понекогаш е речиси тројно поголема од главниот долг, па има луѓе што со години не можат да си го отплатат долгот“.

Законски измени бараат и здруженија на граѓани и синдикати. Еден предлог за измени на закон веќе е во Собранието, но никако да стигне на дневен ред. Според него, она што остана како надмудрување, треба да се избрише. Станува збор за законска регулатива, која со голем аплауз на јавната сцена се дочека минатата година кога се изгласа, така што во јавноста се соопшти дека каматите не може да бидат поголеми од основниот долг, но наскоро стигна и ладниот туш дека тоа се однесувало само на основната, а не на законската камата за пречекорувањето на рокот на плаќање која е многу поопасна.

Регулативата си е така стокмена што иако долговите застаруваат за една година, практично никогаш не застаруваат. Знам дека правниците за оваа реченица ќе ме обвинат за незнаење, но работата е таква во практика. Имено, рокот за застареност е една година, односно тоа е рок во кој треба да се почне постапка, а кога ќе почне таму има еден друг рок од 10 години, но има „квака“ и за рок во недоглед.

За волја на вистината, намалени се присилните наплати од она стампедо од околу 200.000 предмети што беа префрлени на извршителите, а кои беа врзани за долгови кон старото ЕСМ, она од пред приватизација на енергетскиот сектор. Тогаш, некои судии анонимно проговорија дека старите предмети ги добиле сосе печат од ЕСМ за да се удри на документот, како некогаш да почнал процесот, и така да им се наплатат долговите на граѓаните. Овој невиден срам се проголта! Но, така државата се расчисти (делумно) со ЕВН затоа што во купопродажниот договор беше наведено дека половина од наплатата на старите сметки ќе одат во нивната каса, а половина во државната компанија што управува со енергетските капацитети – ЕЛЕМ.

Не знам дали и колку случаи има уште од тоа време, но во официјалните документи е наведено дека извршувањето, кај повеќе од половина предмети, е подолго од една година. И Народниот правобранител во својот извештај укажа дека постојат индиции за одолжување постапки и трупање трошоци.

Според последниот извештај за надзор на извршителите, направен за 2020 година, тогаш извршителите примиле 101.360 предмети, а процентот на реализација бил 41,6 отсто. Во 2020 година имало 99 извршители и тие наплатиле 123 милиони евра, а за себе си наплатиле 6,8 милиони евра, а во тој износ годишната награда за извршување била 3,3 милиони евра. Значи, просечниот приход на секој извршител во просек бил 68.300 евро годишно, од кои нотарската награда била околу 33.000 евра. Но, како што е познато, во овој колач има „врвни извршители“ што успеаја да наплатат и по стотици илјади евра годишно. Од друга страна, пак, извршителите постојано трубат дека нивната награда е помала од она што го наплатуваат нотарите. Така, додека едните си префрлаат вина на другите за тоа кој повеќе зема пари, граѓаните „дебело“ плаќаат за некој долг. Секако, долговите мора да се плаќаат. Ни јас не сакам да плаќам за струја, вода, телефон, да враќам кредит, а некој тоа да не го плаќа. И јасно е дека ако има служба што мора тоа да го прави по присилен пат,  за тоа и ќе си наплаќа. Ама јасно е и дека и покрај толку приспособувања од 2005 година, сè уште системот не функционира како што треба. Зарем не се земаа на душа доволно многу должници?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот