Доналд Трамп во нешто сепак успеа: Покажа колку е кршлива демократијата

Претседателот ветуваше дека „ќе ја исуши калта на вашингтонското мочуриште“, но од денот кога ја презеде должноста, даде до знаење дека се смета себеси над законот и дека нема да се придржува до демократските норми на системот што го наследи

Америка по четири години, кои ја уназадија и драматично ја поделија, не заслужи така насилна, вандалска, шокантна, депресивна и срамна промена на власта, но режисер на сето тоа секако е Доналд Трамп.

Претседателот ветуваше дека „ќе ја исуши калта на вашингтонското мочуриште“, но од денот кога ја презеде должноста даде до знаење дека се смета себе си над законот и дека нема да се придржува до демократските норми на системот што го наследи. Од Белата куќа почна да се емитува радијација која ја контаминираше идејата во либералната демократија. Без концепт на вистина, интегритет и чест. Трамп цело време го омаловажуваше Конгресот, ги навредуваше институциите, го притискаше судството, бараше апсење на политичките ривали, а медиумските критичари ги нарекуваше непријатели на народот.

Разбирајќи ја политиката како маркетинг, самиот се фалеше половина од мандатот, тврдејќи дека направил повеќе од сите претседатели во историјата, а се покажа, дека живеејќи во алтернативна стварност, ја игнорираше здравствената и економската криза кои ја погодија нацијата.

Трибализацијата на американскиот политички систем го доведе до врвот, а од своите републиканци направи послушничка машинерија. Државните секретари, советниците за национална безбедност и сите што беспоговорно не ги следеа неговите замисли, немилосрдно ги сменуваше со пораки на Твитер.

Тврдеше дека за заедницата на Афроамериканците направил повеќе од своите претходници, освен можеби од Абрахам Линколн кој го укина ропството, но со поддршката на белите супрематисти и охрабрувањето на силите на прогонот да го задушат со сила барањето за расна правда, го врати времето на опасна тензија. Бруталниот однос кон мигрантите ја шокираше Америка, како и целиот свет.

Трамп ја изолираше Америка

Промовирајќи националната посебност со слоганот „Америка на првото место“, ги расипа односите со сојузниците и стана херој на разни десничарски популисти, кои ја споделуваа неговата авторитарност.

Газејќи ги принципите на мултилатералноста ги извлече САД од низа меѓународни институции, вклучувајќи ги Парискиот климатски договор и УНЕСКО, а среде пандемијата и од Светската здравствена организација. Раскинувањето на нуклеарниот договор со Иран ја прикажа Америка како земја без кредибилитет, која не ги почитува договорите. Воден од политиката со бизнис пристап, отвори трговска војна со Кина.

Епилог: ја поларизираше земјата политички, социјално и културолошки, создавајќи два сосема различни идеолошки, па и интелектуални света. Ја изолираше САД од светската сцена.

Таков Трамп е закана за демократијата и мора да биде сменет, порачуваа неговите ривали. Мнозинството на избирачите ги послушаа, но Трамп упорно одбиваше да ја прифати победата на Џо Бајден, обидувајќи се да го украде интегритетот на изборите.

Иако повеќе од 90 судии по сојузните држави и на федерално ниво ги одбија неговите жалби, тој продолжи да се раководи со себично и извитоперено толкување на демократијата, не прифаќајќи го нејзиното основно начело дека по изборите постојат победници и губитници.

Што друго можеше и да се очекува од претседателот кој изборниот пораз го протолкува како кражба и насилство, освен одмазднички крај на неговата ера? Неспремен на мирна транзиција на власта, што ѝ припаѓа на демократската традиција, на сцена стапи Трамп – манипулаторот.

Тој ги повика најверните избирачи, тврдото крило на „белата надмоќ“, на марш на Капитолот во моментот кога Конгресот требаше да ја потврди победата на Бајден. Тие се одѕваа на поканата. Некои вооружени. Поголемиот дел од нив научија од својот идол да немаат никаква почит кон владеењето на правото.

Запаливите зборови се претворија во насилство. Таквите работи се случуваат во светот, но не и во Америка, Капитол хил е нападнат првпат по 1814 година. Анархија, убиства, солзавец, хаос и евакуација на Конгресот ги стаписаа Америка и светот. „Востание на домашните терористи“, како што рече Бајден.

Трамп не се обиде масата да ја повика да го напушти Капитол хил. Потези на беспомошен и очаен, но и претседател кој ги занемарува своите должности. Ароганција на претседателот, кој изборниот пораз го протолкува како насилство.

Недораснат на должноста што ја извршува

Притиснат од сите страни да престане на телевизија да гледа како да е пренос од Минск, му беше изнуден потегот со кој тој вети мирно предавање на власта на 20 јануари, но не пропушти да каже дека неговиот мандат бил најдобар во американската политичка историја и дека, прв пат по 152 години, нема да присуствува на инаугурацијата на својот наследник!

Додека се слушаа првите барања Трамп веднаш да се отповика и да се испрати на суд, што би го елиминирало како потенцијален кандидат за изборите во 2024 година, Конгресот ја заврши својата работа враќајќи ја надежта во демократскиот поредок.

Многумина се радуваат од можноста во политичката историја на САД да Трамп заврши како црна дамка. Тоа можеше да се случи порано, но благодарение на своите верни републиканци, го преживеа процесот на импичмент, кој беше инициран од демократите.

Доследен на арогантното толкување на „алтернативна вистина“, пред ноемвриските избори тврдеше дека резултатите нема да ги прифати – доколку загуби. Кога загуби, покрена кампања на убедување дека изборите се украдени. Себе си се претстави како жртва на „грозни лаги“ и политички прогон, повторувајќи дека вештерките од Салем имале подобар третман.

Сцените од вашингтонскиот Капитол се вистински легат на една катастрофална политика. Трамп дури успеа на крајот да ја подели и својата Републиканска партија. Добрата стара партија, како што републиканците сакаат да ја нарекуваат партијата на Абрахам Линколн. Додека траеше кампањата за негово отповикување, тие до еден му беа лојални на шефот од Белата куќа. Тимската дисциплина се распадна. Десетина републиканци во Претставничкиот дом и во Сенатот се извлекоа од цврстата прегратка на својот лидер, кој со негирањето на резултатите од изборите почна да им се заканува на темелите на демократијата. Лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел беше јасен: „Доколку овие избори добијат пресврт со јалови обвинувања на страната која губи, тогаш нашата демократија ќе влезе во спирала на смртта“.

Потпретседателот Мајк Пенс се обрати преку писмо дека нема моќ да го направи тоа што Трамп од него го бара. „Доста е, доста“, изјави еден од републиканските сенатори Линдзи Грем. „Завршено е“.

Големата Трампова игра ги брои последните денови, а 45-тиот претседател покажа дека е недораснат на функцијата што ја држеше.

Колку толку на ткивото на нагризеното општество ќе остане дамката на демократијата: Бајден во наследство доби тешка задача да ја ресетира ранетата американска демократија и да се обиде да обедини поделената земја и да воспостави елементарна комуникација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот