Домашните салами се прават од месо „мејд ин“ Шпанија, Холандија, Полска…

Profimedia

Според прописите, на секој сувомеснат производ треба да биде декларирано потеклото на месото што се користело во процесот, но најчесто пишува дека суровината е од ЕУ

Македонските салами се прават од увозно, смрзнато месо од Шпанија, Холандија и Полска, оти во регионот нема грам вишок на свинско месо поради африканската чума. Според прописите, на секој сувомеснат производ треба да биде декларирано потеклото на месото што се користело во процесот, но најчесто пишува дека суровината е од ЕУ.

Дома немаме доволно месо за преработка, а производителите при увозот за него плаќаат по 20 или 25 отсто царина. Дел од експертите кај нашиот северен сосед реагираат на недоследноста на прописите во ЕУ за дозволениот рок за чување месо во замрзната состојба. Имено, рокот на траење на замрзнатото месо во ЕУ е шест месеци, додека во Србија, но и кај нас е многу подолг – една година.

Зоран Николиќ, потпретседател на Националната организација за заштита на потрошувачите (НОПС), за Нова.рс оцени дека цените на смрзнатото месо во ЕУ се речиси дампинг, полесно им е да го продаваат отколку да го уништат, бидејќи ќе треба да платат за уништувањето.

Слободан Кутревски, сопственик на АД „Пекабеско“, за „Слободен печат“ вели дека основниот проблем е што поради недостиг на сопствено производство, Македонија мора годишно да увезува десетици илјади тони месо од Европската Унија.

Тој вели дека квалитетот на месото е неспорен иако е замрзнато, а тие подложат на строги контроли од АХВ. Компаниите од месниот сектор, безуспешно бараа укинување на увозната давачка, која по три години повторно им се наплаќа од јуни годинава, а тоа ги прави сосема неконкурентни во однос на саламите што влегуваат во земјава со „0“ царина.

– Нема научни докази дека месото од увоз е штетно и покрај тоа што е замрзнато. Во државата имаме контролори и потрошувачите треба да бидат спокојни. Поголем проблем е што немаме воопшто домашна суровина. Нашето здружение уште летоска предупреди дека имаме пад на прометот меѓу 20 и 30 отсто, а тој сега е далеку поголем, бидејќи упорно се одбива барањето за бесцарински увоз на месни суровини. Затоа и не можеме да се бориме со увозните салами што слободно влегуваат во земјава со „0“ отсто царина. Во периодот на пандемијата, потрошувачката на месни преработки се зголеми, а се намали и увозот на свежото свинско месо од 12.600 на 11.500 тони. Со почетокот на економско-енергетската кризата, пак, имаме прилично намалување на домашното производство и раст на увозот на свежо свинско месо и преработки – објаснува Кутревски.

Новиот Правилник за квалитетот на местото од 2019 година на АХВ, воведе новини за свежото, разладеното и замрзнатото месо. Сите продажни објекти и кланици во Македонија добија обврска да продаваат свежо, разладено и смрзнато месо со декларација на која точно ќе бидат назначени земјата на потекло, рокот на траење, нето-тежината, местото на обработка и условите на складирање. На декларацијата на увезеното месо треба да пишува каде е родено, одгледано, колку е старо и кога е заклано животното. Исто така, треба да се назначи и кодот на земјата од каде што доаѓа месото и бројот на кланицата.
Граѓаните со кои разговараше „Слободен печат“, немаат сознанија за квалитетот на месото што се користи за преработка.

– Нема многу јасни параметри. На некои од декларациите што сум ги погледнала, стои само земјата на потекло и рокот на траење – велат граѓаните и додаваат дека сепак мора да им веруваат на трговците.

Добро е што веќе нема мелено месо од „купче“

Од 2019 година според новиот Правилник на АХВ, веќе нема рефус месо од „купче“, туку се меле од избрано парче пред муштеријата. Со новите правила се елиминира можноста за манипулации, односно меленото месо да не се подготвува од чисто месо. Подготвените смеси, пак, за скара се со различен состав и со цени повисоки од цената на обичното мелено месо. Месарите што првично се бунеа дека новите стандарди ќе го поскапат меленото месо, кое беше најбарано поради ниската цена, во изминатите четири години главно се придржуваат до правилата, иако и натаму има некои што се надмудруваат со законот.
Уште една новина од Правилникот е што меленото месо го подготвуваат и производни капацитети под строго контролирани услови со посебно одобрение од АХВ и на него мора да има декларација за составот. Според ценовниците што важат во месарниците и во големите маркети, килограм свинско, јунешко и друго месо кое може да се меле, надминува 350 денари.

 Србија увезува месо што не го јадат европските граѓани

Од аспект на правата на потрошувачите, добро е што во Србија се воведени регулативи за означување на месото и на преработките, на кои мора да се истакне земјата на потекло. Според експертите, тоа им дава можност на граѓаните да направат избор при купувањето.
„Тоа не мора да значи дека месото веќе било замрзнато некаде и поминале шест месеци. Затоа најдобро решение би било да ги усогласиме нашите регулативи со регулативите на ЕУ“, заклучува потпретседателот на српското Национално здружение за заштита на потрошувачите.

Агроаналитичарот и новинар Бранислав Гулан за Нова.рс наведува дека најголем дел од замрзнатото месо го увезува од Шпанија, додека живите прасиња главно се увезуваат од Данска. Гулан посочува дека месото што земјите од ЕУ го „чистат од своите стокови резерви“, стигнува на српскиот пазар.
„По шест месеци ги обновуваат стоковите резерви. Тоа месо не е штетно за човечка исхрана, но тоа месо нема да му го дадат на својот народ, па го продаваат за симболична сума“, изјави Гулан повикувајќи се на свои извори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот