До уставни измени преку дискусија со сите

Европска комисија, Брисел / Фото: Слободен печат

Она што сакаме да видиме во ЕУ е намалување на тензиите и добрососедски односи, а не нивна ескалација, велат извори од ЕУ, кои не ги коментираат најавите за прогласување некои политичари од Бугарија за непожелни во Македонија, бидејќи „тоа било прашање за Советот за национална безбедност, а не за Брисел“.

Уставните измени за внесување на Бугарите се билатерална обврска договорена меѓу Бугарија и Македонија и е суверена одлука на земјава. Но, досегашните примери покажуваат дека Северна Македонија има силно досие во однос меѓуетничките односи, велат извори од ЕУ и потсетуваат дека тогаш кога беше изнесено прашањето, немаше поголеми противења на тоа, освен од една партија.

– Прашањето стана многу исполитизирано иако промената на Уставот нема влијание врз прашањето на идентитетот на граѓаните. Ниту тој ќе се смени со преговорите, ниту јазикот, ниту историјата – коментираат истите извори.

Во ЕУ сметаат дека за уставните измени има оптимизам, а можноста да се создадат услови за поддршка на уставните измени се гледа, пред сѐ, низ водење рационална дискусија со сите политички субјекти за тоа зошто се потребни измените на Уставот, што ќе донесат, какви импликации ќе имаат, а посебно во однос на стратешката цел на земјата за членство во ЕУ.

Оттаму додаваат дека се нотира оти францускиот предлог како повторно да ги крева тензиите во земјава, но наведуваат дека неколку претседателства на ЕУ не успеаја да ги одблокираат преговорите, а тоа се успеа со францускиот предлог, со кој беше постигнат компромис низ тешки преговори.

Во однос на ставот на опозицијата која е против уставните измени и инсистира на добивање гаранции од ЕУ дека по нивното донесување нема да има нови блокади од Бугарија, изворите од ЕУ велат дека е тешко да се замислат какви било гаранции што би можела Унијата да ги даде дека во некоја точка од процесот на преговори нема да се појави ново вето. Но, потсетуваат и дека високи претставници на ЕУ се обврзале дека нема да се дозволи прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот да бидат користени за да се запре прогресот на земјата.

Oна за што се интересира ЕУ е да не се дозволи во Унијата да се внесуваат билатерални спорови. Но, она што е факт е дека ако не се направат уставните измени, процесот на преговори ќе биде запрен, па треба да се имаат предвид импликациите од тоа.

Во ЕУ потсетуваат дека Северна Македонија ги почна пристапните преговори со ЕУ на 19 јули минатата година и во моментов во тек е билатералниот скрининг, кој успешно се одвива и треба да заврши на крајот од годинава. За да продолжи втората фаза од пристапните преговори, услов се уставните измени и секако прогрес во реформите. Во време кога се зголемени тензиите меѓу Софија и Скопје, и покрај загрижувачките изјави од поединци што ги поткопуваат добрите односи меѓу двете земји, и постигнатите добри резултати во однос на трговска размена, извори од ЕУ посочуваат дека во интерес на Бугарија и Северна Македонија е одржување на добрососедските односи и она што е важно, намалување на тензиите, а двете влади да продолжат да разговараат. Според нив, натамошната ескалација на тензиите меѓу Македонија и Бугарија не е во интерес ниту на едната ниту на другата земја, ниту на соседите, ниту на Унијата. Сепак, има оптимизам процесот да се придвижи напред, и покрај одлуката на Софија за повлекување на амбасадорот и заканата за замрзнување на сите меѓудржавни проекти.

– Она што сакаме да видиме во ЕУ е намалување на тензиите и добрососедски односи, а не нивна ескалација – велат извори од ЕУ, без коментар на најавите за прогласување некои политичари од Бугарија за непожелни во Македонија, бидејќи тоа било прашање за Советот за национална безбедност, а не за Брисел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот