Дискусија: Младите во земјата тешко се навикнуваат на „новото нормално“ – Дали социјалните медиуми штетат или го унапредуваат менаталното здравје?

Тинејџери седат во Градски парк / Скопје, септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Враќањето во „новото нормално“ е многу тешко за младите во земјава. Истражувањата покажуваат дека прекумерната употреба на социјалните медиуми може да предизвика зголемено ниво на депресија, анксиозност и други проблеми со менталното здравје кај младите.

Од Филозофскиот факултет Скопје велат дека во сегашната состојба на глобална здравствена криза како резултат на КОВИД-19, особено во земјите со ниски и средни приходи како Македонија, младите лица се соочуваат со значителни ризици, вклучувајќи тука здравствени, економски, како и социјални ризици.

Според СЗО, на глобално ниво, едно од седум деца на возраст до 15 години ќе пројави ментално нарушување. Депресијата, анксиозноста и пореметувањата во однесувањето се најчести проблеми кај младите. Хиперактивноста и проблеми со вниманието се исто така дел од проблемите со кои се соочуваат младите. Се проценува дека три четвртини од проблемите со менталното здравје се појавуваат пред 25тата година. Секој четврти човек се соочува со проблеми со менталното здравје во некој период од животот, додаваат од Факултетот.

Сите горенаведени податоци укажуваат на потребата уште од најрани години да се посвети внимание на менталната добросостојба на младите.

Сепак, многу деца и млади се борат во тишина, со чувство на неразбраност, стигма и недостаток на сеопфатна иницијатива која го промовира и штити менталното здравје. Дури и во развиените земји, постои период од повеќе години на одложување на третман од почеток на симптоми, а се претпоставува дека само околу 20 проценти од младите го добиваат соодветниот третман навремено, посочуваат од Филозофскиот факултет.

За таа цел, в четврток на 20 април, на Филозофскиот факултет во Скопје, ќе се одржи дискусија за менталното здравје на младите и социјалните медиуми во организација на Центарот за менаџмент на човечки ресурси при Филозофскиот факултет во Скопје. Панелистите ќе се обидат да дадат одговор на главното прашање – Дали социјалните медиуми му штетат или го унапредуваат менаталното здравје на младите?

Во однос на унапредување на менталното здравје, од Факултетот велат дека постојат неколку работи што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ може да ги спроведе.

Лесно достапни услуги за ментално здравје, промовирање на свеста за менталното здравје, програми за унапредување со стресот, креирање поддршжувачка средина во рамки на кампусот, обуки за вработените, клучување на студентите во иницијативите за ментално здравје, се дел од препораките што ги понудија од Филозофскиот факултет.

Велат дека со имплементирање на овие стратегии, универзитетите можат да помогнат во промовирањето на менталното здравје и благосостојбата кај нивната студентска популација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот