Димитров: Кога Европа беше спремна за проширување ние градевме споменици

Фото: Слободен печат

Нема да дигнеме раце додека не успееме, дали тоа ќе го направиме со опозицијата или покрај опозицијата, ќе видиме, рече министерот Никола Димитров на Комисијата за европски прашања.

-Во јуни 2018 година Европскиот совет (ЕС) ни рече дека го поплочуваме патот и Европската Комисија имаше најпозитивен извештај. За жал во октомври немаше јасна и суштинска одлука – рече Димиторов.

Тој потсети дека Македонија во 2001 беше во група со Хрватска, доби статус кандидат за членство во 2005, а во 2009 ја доби првата препорака за почеток на преговори. Димитров ја прочита изјавата на Макрон во која се вели дека Франција е таа која сега бара малку време. Го читаше и Туск кој изјави дека двете земји Македонија и Албанија сториле сè што од нив се побарано.

Димитров се наврати и на изјавата на Јункер дека одлуката на Европски совет (ЕС) е тешка историска грешка, а потсети и на Јоханес Хан, кој рече дека ЕУ е таа која не испорача заради внатрешни прашања.

-Не може Европа да биде силна и просперитетна ако овој регион не стане европски во суштинска смисла на зборот. Но поради некои други работи кои немаат врска со Западен Балкан немаше политичка сила за проширувањето. Ги испуштивме возовите кога Европа беше спремна, тогаш градевме споменици- рече Димитров.

Димитров напомена дека кај опозицијата немала политичка волја да го донесе Законот за ЈО зачувувајќи ги црвените линии, но сепак е најден начин предметите да се задржат.

-Се бара политичка интервенција за да се разреши Вилма Русоковска, а во преговарачкиот тим на опозицијата има обвинети. Не напикаа во земја и скокаа врз него. На нив треба да им е срам да зборат за ЕУ, безобразно и дрско е. Ќе го положиме испитот на зрелоста, додаде тој, и рече дека ќе докажат на скептичните земји членки дека овој процес ќе носи резултати.

Димитров, исто така, повика во наредниот период да се донесе законот за ЈО.

– Политиката да не се меша што се гони,  а што не се гони, и да не се меша во ставање на јавни обвинители, тоа да и го оставиме на фелата – рече Димитров.

Тој истакна дека со мудрост и истрајност може да најдеме начин како да ги задоволиме барањата на Албанија, Франција и ЕУ, на сите.

– Голем предизвик беше врзувањето на нашата европска кандидатура, на нашата судбина и иднина со таа на нашите соседи во Тирана. Тука мора да најдеме начин директно со Тирана како да издејствуваме формула двете да бидеме среќни, а не двете да бидеме подеднакво несреќни. Тоа е едно важно историско искушение да разбереме дека на Балканот и успехот на една добра помага на другата и е добра вест за целиот регион – рече Димитров.

Тој оцени дека има голема голема логична неконзистентност да се зборува за подобрување на методологијата на пристапниот процес, а притоа, како што рече, да се руши клучниот суштински принцип на проширувањето, а тоа е секому според заслугите.

– Нашата судбина беше да изгубиме цела генерација поради разликата со името со нашите соседи во Грција. По тоа прашање делумно имамвме влијание, решавањето на спорот со Грција беше во наши раце. Состојбата да ги решиме проблемите во другите земји не е воопшто во наши раце и не може да бидеме условувани со успехот или неуспехот во други држави. Ние имаме и интерес Албанија да успее, бидејќи сме добри соседи. И немаме проблем да бидеме во пакет заедно ако тој пакет значи две зелени светла. Но, имаме проблем да зависиме од услови врз кои немаме влијание, бидејќи така никаква методологија нема да го подобри пристапниот процес  – потенцираше Димитров.

Димитров рече дека ќе има прилика да истата тема да се дебатираме и утре на Комисијата за надворешна политика која ја води пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Милошоски рече дека ова денеска е владина забава што тие не сакаат да ја растураат по што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија расправата.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот