Девет години власт на Вучиќ: Девет години морален колапс

Александар Вучиќ/Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Неколкупати имам напишано, а и сега ќе повторам: оваа влада се базира на лаги, едноставно не сум сигурен дали на крајот секој верува во своите лаги. За некои знам дека веруваат

Влегуваме во десеттата година од владеењето на Александар Вучиќ со некаква петиција со која и естрадниот свет и полусветот и јавните службеници го бранат од слободните медиуми и опозицијата. Мора да признаете дека звучи како лоша шега, па за таа тема е доволно да се напише – каков светецот, таков тропар. За оние кои не го знаат значењето на оваа фраза, може и онаа народната: си нашло тенџерчето капаче.

Медиумски циркус

Причината за овој медиумски циркус е една многу посериозна тема, а тоа е врската помеѓу владата и мафијата. Како уредник на порталот nova.rs, бев во дилема дали објавувањето на сведоштвата на најстрашните убијци на Беливук и останатите може да биде оправдано со јавен интерес? Од нивните изјави е јасно дека тие одлучиле да се бранат со обвиненија на сметка на претседателот и министерот за полиција. Претседателот, премиерот, претседателот на Собранието, целата влада и државниот апарат, како и специјалниот обвинител и послушните медиуми, се искористени да ги клеветат новинарите и медиумите што објавуваа изјави на мафијаши и да ги оправдаат незаконските постапки на највисоките владини претставници. Како знак на поддршка за новинарите кои мислат и работат слободно и ние решивме да ги пренесеме нивните текстови.

Се разбира дека не поверував дека министерот Вулин во ритопечката визба касапел и мелел луѓе, но верувам дека Беливук и другите неволји се производ на владеењето на Вучиќ. Тие беа нивни валкани војници, со силни врски со сите државни структури. До вчера можеа да сторат сѐ, како и Сале Мутави, кого дури и претседателот на државата јавно го бранеше како фино момче, кое само понекогаш знае да се степа.

„Неволји во џипови“

Не сум сигурен дека од овој случај „напредњачката“ влада ќе извлече некој поука, попрво ќе се најде некој нова Неволја што ќе владее со трибините, ќе ги сопре навредливите скандирања, а за возврат ќе може слободно да дила дрога, по потреба и ќе ги најмат за да тепаат опозициски активисти и демонстранти, со џиповите да ги вртат избирачките места… Некои одеднаш ќе станат бизнисмени и ќе добијат некакво профитабилно договорче со државата.

Новинарите кои сега се најмногу нападнати, за тоа пишуваа со години. Оваа влада е толку испреплетена со криминалци од секаков вид, што е безбедно да се каже дека има само еден клан под името: Српската напредна партија. Затоа оваа власт со сите сили се бори и за последниот глас во некоја зафрлена локална заедница, дури и на тие избирачки места праќаа „Неволји во џипови“.

Сѐ се потпира врз лаги

Френетично се борат да го потчинат последниот независен судија и обвинител, ги уништија сите независни институции, ги корумпираа повеќето медиуми и регулаторни тела. Целиот државен апарат и школките што останаа од институциите беа искористени во одбрана на владата на еден човек и неговиот клан, која брои 750.000 членови. Колку од тој број се вработиле во државната администрација без никакво знаење и образование, колку од нив купиле диплома… Одговорот е многу краток – премногу!

И, на крајот, да го резимираме ефектот од деветгодишното владеење на Александар Вучиќ: уништено судство и обвинителство, повеќето медиуми се бесрамни ловци на сите слободоумни луѓе, накратко – овие девет години се голем морален колапс за сите честити граѓани на Србија. Неколкупати имам напишано, а и сега ќе повторам: оваа влада се базира на лаги, едноставно не сум сигурен дали на крајот секој верува во своите лаги. За некои знам дека веруваат. 

Пренесено од „Вијести“ од Подгорица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот