Детска кош(м)арка

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Среде невино спортско надигрување, од нигде-никаде изникнува силеџија, ја прескокнува оградата со намера да тепа едно од децата. Сакал само да му залепи една на малиот затоа што му „залепил банана“ на син му.

Локацијата е спортската сала во скопскиот Градски парк. Средба меѓу кошаркари на возраст до 14 години. Работнички – МЗТ Скопје, или скопско „ел класико“ во пикси-дикси варијанта. Гледачи полна трибина. Амбиент што би се рекло идеален, како што знаеја да напишат колегите некогаш, кога ги опишуваа условите за игра, иако кај нас далеку од тоа дека има нeшто (или некогаш било) идеално. „Петлињата“ (мој омилен термин кога станува збор за старосна категоризација на спортистите) се надмудруваат со скокови, со шутеви, контранапади, финти, дриблинзи со протнување на баскетот од зад грб… Милина за очи! Ги нема сцените од терените и од трибините на кои сме навикнале во современиот искривоколчен спорт и ферплеј: пцости, навреди, грубост, сомневања во местенки, лажни превиткувања на скапо платени играчи и други „нормални“ работи. Во салата на Работнички гледаме само чистокрвно спортско витештво на млади рицари под обрачите.

И наеднаш – упад! Среде невино надигрување на голобради момчиња, од нигде-никаде на паркетот изникнува расипувач на забави. Но, ова не е цртан филм. Повеќе личи на тик-ток реално шоу. Силеџија од трибината ја прескокнува оградата за да тепа едно од децата. Да тепа!? Неговото сигурно не. Неговото (веројатно) го крши од ќотек по дома. Сакал само да му „залепи“ една на малиот од противничката екипа зашто му „залепил банана“ на син му.

За среќа, спречен е во намерата, но е регистриран од камерата. Видеото станува вирално на порталите и на социјалните мрежи, а домаќинот Работнички го осудува чинот и бара да се преземат мерки. Иако и тој како организатор на мечот има вина, но кој да предвиди дека на детско натпреварување требало да има засилена редарска служба и полиција.

На страниците на „Слободен печат“ пред шест-седум години напишав колумна со наслов „Мамо, не се тепај, ме срамиш“! Повод беше тепачка меѓу две жени во гледалиштето, мајки на фудбалерчиња, за време на натпревар на нивните деца. Да не останат покуси, и татковците ги вкрстиле тупаниците.

Со текот на времето, особено по растот на пандемиската анксиозност, работите се менуваат на полошо. За разлика од тогашната „размена меѓу чанти“, скорешниот излив на фрустрација покажува дека за физичка пресметка се нема респект кон противникот, кажано со спортски жаргон. Затоа што родител-ветеран се накострешил на пионер.  Апсолутна конкуренција. Или искажано во тежински категории – 0,1 тон сало и мускули против 50 кг коски и кожа, земено во просек, зашто немало официјално мерење пред нерамноправниот потенцијален дуел.

Ниту мојава иронија нема да помогне многу да се променат нештата ниту ќе ги промени преамбициозните татковци и мајки што се погубни за децата спортисти. Мешањето во „кариерата“ на младите спортисти го покачува адреналинот и тонусот кај родителите, а со тоа и нивниот тон кон тренерите, судиите, навивачите, сега и кон децата од противничката екипа. Како и да се сврти (родителот), жртви се децата.

За таквите, во земјава постои и Закон за спречување насилство во спортот, иако речиси никој не е казнет по таа основа. Според споменатиот закон, прекршочната парична казна за инцидент каков што се случи во Градски парк е од 600 до 1.000 евра за физичко лице. Во конкретниот случај, прашање е дали таква казна ќе влијае воспитно кон „воспитувачот“, но тоа не е ни толку важно колку што е важна поуката што треба да ја извлечат и децата меѓу другите – дека кон насилството треба да има нула-толеранција.

И овој пат затаи имплементацијата на законот, односно спроведувањето. Да, тоа ни недостига. По едно вакво дивеење, треба да биде спроведен. Насилникот во полициска станица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот