Детали за смртта на родилката: Не ги послушала предупредувањата од докторите, од ГАК си заминала дома па дошла во чаирската гинекологија

Родилка на возраст од 23 години почина во Специјалната болница по гинeкологија и акушерство Чаир. Докторите успеале да го спасат бебето, но не успеале да се изборат за животот на младата жена, која се подготвувала за прв пат да стане мајка.

Директорот на болницата, Башким Исмаили во изјава за „Слободен печат“ вели дека пациентката била претходно хоспитализирана на ГАК, но иако и било кажано дека нејзината состојба е високоризична, таа потпишала дека на своја одговорност ја напушта болницата, по што состојбата и се влошила, а роднините ја донеле да се породи во Чаир.

– Пациентката ја донесоа во многу лоша состојба, не беше контактибилна. Нападот го предизвикала нејзината гојазност, дијабетесот и хипертиреозата.  Уште од паркингот пред болницата започна нејзината реанимација, поради обезноста и екламптични напади едвај ја извадивме од автомобилот, но успеавме да ја однесеме во сала, каде целиот лекарски тим даде се од себе за да ја спаси младата жена. За жал не успеавме, вели Исмаили.

Тој нагласува дека пациентките мора да бидат дисциплинирани, да не ги занемаруваат советите од докторите и никогаш да не потпишуваат дека ќе ја напуштат болницата и покрај предупредувањата дека тоа е ризично.

-Откако потпишала согласност дека ја напушта ГАК, пациентката била десет дена дома, без никој да ја следи нејзината состојба. Доколку била хоспитализирана, верувам дека колегите секојдневно ќе ја следеле нејзината здравствена состојба и ќе интервенирале пред да доживее таков шок. Дали ќе беше сега жива, не можам да кажам, но штета што не ги послушала советите на докторите. Затоа апелирам, никој во ниту една здравствена установа да не потпишува дека сака да си оди дома ако неговата состојба не го дозволува тоа, исходот некогаш може да биде и фатален, предупредува д-р Башким Исмаили.

Лекарскиот тим сепак успеал да го спаси бебето.

-Не чекавме ниту минута, веднаш почнавме со породување, и тоа се покажа како добра одлука. Успеавме да го спасиме животот на бебето, за што сме среќни сите во болницата кои учествувавме во реанимацијата на пациентката, вели д-р Исмаили.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот