Десетици луѓе убиени во Појасот Газа минатата ноќ

Фотографија ЕПА, Нил Хол

Десетици луѓе беа убиени минатата ноќ низ Појасот Газа, откако Хамас изјави дека му треба повеќе време да го разгледа предлогот за воспоставување примирје во војната со Израел на опколената палестинска територија, пренесе Бета.

Министерството за здравство во Газа рано утринава соопшти дека загинале 92 лица, меѓу кои и раселени Палестинци кои се засолниле во градинка во Рафа, во јужниот дел на Појасот.

Загриженоста за потенцијален израелски копнен упад во градот на египетската граница расте во последните денови, каде стотици илјади раселени луѓе избегаа од конфликтот и живеат во импровизирани засолништа и шатори.
Градот кој некогаш имал 200 илјади жители сега е дом на повеќе од половина од населението на Газа (2,4 милиони луѓе), според ОН.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во четвртокот предупреди дека армијата, која ја започна својата копнена инвазија во северниот дел на Газа на крајот на октомври и постепено напредуваше кон југ, ќе стигне и до Рафа.
Во меѓувреме, меѓународните посредници прават напори да го усвојат предлогот за прекин на огнот направен минатата недела во Париз.

Високиот функционер на Хамас во Либан, Осама Хамдан, вчера рече дека предложениот рамковен договор нема некои детали и дека на организацијата и треба повеќе време за „да ја објави својата позиција врз основа на желбата што е можно поскоро да се стави крај на агресијата“ што ја предизвикува палестинскиот народ да страда.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во наредните денови ќе го посети Блискиот Исток, негова петта од почетокот на војната, за да изврши притисок за усвојување на предлогот за прекин на огнот, соопшти Стејт департментот.

Во регионот ќе пристигне и министерот за надворешни работи на Франција Стефан Сежурн, најави неговиот портпарол.
Извор близок до Хамас рече дека предлогот вклучува шестнеделна пауза во конфликтот за време на која ќе биде доставена поголема помош до Газа во замена за ослободување на некои израелски заложници за палестинските затвореници кои ги држел Израел.

Лидерот на Хамас, со седиште во Катар, Исмаил Ханије, рече дека секој прекин на огнот мора да доведе до целосно повлекување на израелските трупи од Газа.

Војната меѓу Израел и Хамас предизвика засилени тензии во регионот и чести напади од организации поддржани од Иран во знак на солидарност со Газа, што доведе до контранапад од клучниот израелски сојузник САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот