Дерење на гостинот – посебна ставка во менито за странците, најдобри се оние што молчат и плаќаат

Инвазија од Кинески туристи
фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Некои претставници на локалната угостителска индустрија во земјава се толку осилени, што не даваат ни фискални сметки, а кога им ја наплатуваат сумата на странците, домашните гости од соседните астали црвенеат од срам

Три еспреса и два сока – 700 денари, такси од автобуската станица во Охрид до центарот на градот – 450 денари, сметка за ручек од над 100 евра во еден скопски ресторан, возење со кајче по Кањонот на Матка – 10 евра… Странските туристи плаќаат и молчат, оти нема кому да се пожалат. Некои претставници на локалната угостителска индустрија во земјава се толку осилени, што не даваат ни фискални сметки, а кога им ја наплатуваат сумата на странците, домашните гости од соседните астали црвенеат од срам. Туристите што го шетаат скопскиот Плоштад со сопнуваат од кучињата скитници, кои ги следат во чекор и заедно со нив „слушаат“ за македонската историја. Неподносливата реа што се шири под скопските мостови, кои се користат како јавни тоалети, ги одвраќа водичите од одредени локации, а на гостите им се советува во широк лак да ги избегнуваат новите мостови на Вардар, бидејќи не се осветлени.

Туристичкиот работник Зоран Таневски, за „Слободен печат“ вели дека странските гости немаат кому да се пожалат не само ако ги „одрале“ во ресторан, туку и за кучињата скитници, за непостоењето јавни тоалети, за питачите што ги вознемируваат, за неосветлените културни споменици…

Институциите не се свесни дека „еден ќе плати, ама илјада други гости ќе разберат, а тоа ни носи негативна реклама во секој смисла“, додава Таневски.

– Јасно е дека инспекциите се првото место каде што секој гостин би требало да се обрати доколку смета дека е оштетен. Но, дали некој што е во земјава ден или два, има време да се занимава со ваква работа? Срамот останува, а лошата реклама се шири. Со години бараме да се формира туристичка полиција, каква што има во сите земји што живеат од туризмот. Таа постои во Хрватска, Италија, Мароко, Шпанија – вели Таневски и се потсетува дека пред 15 години по еден невиден скандал, кога на еден австралиски турист му била наплатена огромна сума за превоз од аеродромот до неговиот хотел, Грција формирала туристичка полиција.

– Нашиот систем на неказнивост секаде функционира и тоа трае со години – реагира Таневски.

Странските туристи секогаш ги издвојуваат природата и храната во Македонија и тие се секогаш на врвот на нивните листи. Потоа следува гостопримството, како и културно историските знаменитости – вели за „Слободен печат“ и Елвир Садиковиќ – Вили, потпретседател на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници МАТВП.

– Од сите колеги ќе го добиете истиот одговор за најголемите поплаки на гостите -екологијата, кучињата скитници, немањето јавни тоалети и ситуацијата со патиштата. За ова не можеме и не смееме да имаме оправдување. Што се однесува до тресењето на цени од ракав од страна на угостителите, јас препорачувам за поголем ангажман на пазарните инспектори, бидејќи оваа ситуација не е само во Скопје, туку и во сите туристички места. Институциите не си ја вршат работата и тоа е главниот проблем – додава Садиковиќ.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со години порачуваат дека е неопходно да се формира туристичка полиција и инспекција, која ќе овозможи сигурност во туристичкиот сектор. Дел од надлежностите на туристичката инспекција би била контролата на работата на угостителите (ресторани, кафулиња, хотели, мотели, хостели, „брза храна“…), туристички агенции, туристички водичи, придружници, аниматори и други професионалци што даваат туристички услуги, како и контрола на ценовниците во локалите, издавањето на фактурите и фискалните сметки за гостите.

Бесплатен разглед на Скопје, Охрид и Битола за Светскиот ден на водичите

Туристичките водичи на 24 февруари ќе организираат бесплатни туристички тури во Скопје, Охрид и во Битола, како дел од програмата за одбележување на 21 февруари – Светски ден на водичите.

– Сакаме да дадеме мал придонес во промоцијата на земјава како интересна и атрактивна дестинација – најавува Садиковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот