Дехари: Мечките на Шара нема да се успиваат и дислоцираат, мештаните ќе бидат безбедни ако се остранат депониите во селата

Фото: Скриншот

Мечките на Шар Планина нема да се успиваат и дислоцираат како тие во Националниот парк Маврово, за кои вчера беше донесена и владина одлука, вели директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари.

Според него единствено решение за поголема безбедност на мештаните од шарпланинските села е да се исчистат депониите во селските атари. Кога би немало депонии мечките не би се симнувале толку ниско во самите села, каде се во потрага по храна.

„Таа одлука е само за Националниот парк Маврово, и такви штети како во Маврово ние на Шар Планина немаме од мечките. Ние имаме проблем со депониите на Шара затоа и мечките се движат низ атарите на селата. И за оваа проблематика сме ги известиле и централните и локалните власти. Треба што поскоро да се исчистат депониите, тоа е решение, тие се заштитен вид и не смеат да се застрелат. Мора да дополнам дека нема толку мечки како што збори локалното население. Жители од две села бројат исти мечки, има такви случаи. На Шара има 55 мечки тоа се бројките на Шумарскиот факултет. Ние разговаравме со руралните општини на шарпланинското подрачје што поскоро да се собере отпадот во близина на селата. Затоа и мечките се симнуваат во депонииите, така им е полесно отколку да бараат храна во повисоките делови на Шар Планина“, вели Ибрахим Дехари директор на Националниот парк Шар Планина.

На вчершната седница Владата донесе одлуки насоки и препораки во однос на проблемот со мечките кои се појавија во Националниот парк Маврово.

„Предвидена е контрола на сите придружни објекти во коишто се чува храна, коишто може да бидат лесно достапни и кои што се во близина на местото на домување; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, посебно на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките“, стои во владината одлука.

Инаку мечките веќе станаа постојани жители на шарпланинските села, но и во Националниот парк Маврово. На видеото подолу се гледа како мечка со мало мече се обидува да влезе во еден дом во шарпланинското село Бродец. Жителот на селото во страв го затвора прозорецот, но мечката упорно стои под прозорецот и се обидува да влезе во неговата куќа.

Пред три месеци се реализираше успешна акција за спасување на мечок на вработените од НП Шар Планина и Јавната Установа Зоолошка градина на град Скопје.Во бачило на жител од шарпланинското село Бозовце, вработените ослободија мечок кој беше заглавен во сајла околу 10 часа. Мечокот беше изморен и исплашен, а по 3 часовна акција успешно ослободен.

Во селото Жировница убиени мечка и две мечиња

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот