Децата со три примени дози против пертусис ќе може да се вратат во градинките во понеделник

Рената Младеновска/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Децата кои што имаат примено три дози вакцина против пертусис, а кои имаат закажано ревакцина во наредните шест месеци, од понеделник ќе може да одат во градинка, најави денеска директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат доктор Рената Младеновска.

Таа во текот на денешниот ден очекува министерот за здравство да ја официјализира оваа одлука, со цел од понеделник децата да може да тргнат во градинките.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат цела недела врши вонредни инспекциски надзори во градинките и досега се направени сто контроли за една недела.  Доктор Младеновска е задоволна од соработката со градинките.

-И приватните и државните детски градинки соработуваат со нас и го почитуваат решението што им го издадовме, и го истакнуваат за да може да се информираат и родителите. Од контролите што ги имаме извршено, немаме констатирано недостатоци. Одговорните лица ги контролираат и ги ажурираат податоците за вакциналниот статус на децата. Задоволни сме од соработката и од тоа како се спроведуваат нашите надзори, истакна директорката на ДСЗИ Младеновска.

Вчера Комисијата за заразни болести препорача децата што имаат примено три дози против пертусис односно магарешка кашлица, да може да се вратат во градинките под услов ревакцината да им е закажана за наредните шест месеци. Задолжително е да се прими и ревакцината, апелираа од Комитетот за имунизација.

-Имавме успешна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести и со министерот за здравство. Очекуваме во текот на денешниот ден да ни биде доставена одлуката и од понеделник да почнат да се примаат децата во градинките, рече Младеновска.

Согласно сите списоци што Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги добива од вакциналните пунктови за деца кои се невакцинирани, нивните родители се повикувани и казнувани со парични казни. Тоа не го решава проблемот со нискиот опфат на вакцинација против пертусис со ди те пер вакцината, затоа што родителите плаќаат, а децата им остануваат невакцинирани.

-Градинките треба да имаат одговорно лице за проверка. Ќе излеземе од оваа ситуација, имаме одлична соработка. Ќе мора да ја решиме оваа состојба. Не е во ред да враќаме заразни болести, веќе сме 21 век. Децата од внатрешноста, имаат одговорни родители кои го почитуваат редовниот календар за имунизација. Проблемот е во Скопје. Епидемиите не освестуваат дека треба да се вакцинираат сите деца, додаде Младеновска.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести потсетува дека не постојат „потврди за привремена спреченост од вакцинација“ кои родителите деновиве засилено ги бараат од матичните лекари и од клиниките.

-Постојат само потврди за трајна спреченост за вакцинација и се издаваат од Клиниката за детски болести со лекарски конзилиум. Но тие потврди издадени за „привремена спреченост за вакцинација“ издадени од матичен лекар или било кое друго место не се валидни, истакна претседателот на Комисијата за заразни болести, професор доктор Александар Петличковски.

Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица. Петличковски потенцираше дека состојбата со голема кашлица не е ни добра ни стабилна.

 

-До таму сме се довеле поради неодговорно однесување на многу граѓани со години наназад. Податокот дека 50 проценти од децата во градинките се невакцинирани е поразителен за државата. Тука мора многу да работиме. Имаме разбирање и научна поткрепа дека овој олабавен начин на проценка на имунитетот со трите дози помага. Но не знам до кога ќе остане. Сега имаме над 200 заболени во државата и тој број ќе расте. Можно е наредните недели да излеземе со построги мерки зависно од развојот на ситуацијата, истакна професор доктор Петличковски.

И тој и националната координаторка за имунизација професор доктор Александра Грозданова се децидни дека треба децата во градинките да ги примат и МРП вакцините, пред да се случи сценариото од соседството, па да има две епидемии во исто време – и епидемија на морбили и епидемија на голема кашлица.

-Во октомври посочивме дека пертусис доаѓа од Хрватска накај нас. Тоа се потврди. Сериозен апел испраќаме и за морбилите и МРП вакцината да се прими. Секаде во регионот има морбили. Еднаш се соочивме со таа ситуација. Навистина, да се подигне првенствено свеста кај родителите и граѓаните дека мора делот за превентивата да го запазиме со цел здрави поколенија и деца. Ваква здравствена криза воопшто не ни е потребна, а уште помалку ни е потребно две епидемии да ни се случат истовремено. Со ваков низок опфат ризикот е сериозен. Секоја наредна мерка ќе биде се поригорозна, доколку сме во епидемија, истакна доктор Грозданова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот